Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп се огласи по поразот од Наполи со 4:1 во Лигата на шампионите.

– Изгледа дека треба да се ресетираме. На Ливерпул му недостасуваше многу. Ќе мора да го направиме тоа во текот на сезоната. За три дена имаме натпревар со Вулверхемптон. За овој натпревар треба да се обидеме да најдеме план кој ќе биде многу подобар во сè. Не работевме тимски. Не станува збор за индивидуи. Не одигравме доволно добро, тоа е јасно и очигледно. Затоа загубивме. Јас сум одговорен за ова. Ми треба време да размислам. Моја работа е да ги најдам причините, да ги елиминирам и да продолжам понатаму, изјави Клоп.

На прашањето од „БТ Спорт“, како може Ливерпул да се промени, германскиот стручњак одговори:
„Несомнено, ова е тежок период, но доколку не одиграте извонреден натпревар, треба добро да се браните. Требаше да играме подобро во одбраната. Не мора да измислуваме нов стил на фудбал. Треба само да се подобриме. Сите би биле среќни кога би можеле да го прикажеме истиот фудбал како порано“.

По шест кола во англиската Премиер лига, Ливерпул се наоѓа на 7.место со девет освоени бода, шест помалку од лидерот Арсенал.