Пет години од како згаснатото СЈО ја отвори истрагата „Тендери“ и по три години откако почна да се суди, случајот е без судска разрешница. Коалицијата „Сите за правично судење“ денеска реагираше и посочи дека процесот во кој е обвинета поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, дури пет пати почнува од почеток, пренесува ТВ Ал сат.

На 13 – ти март 2018 – та година започна да се суди овој случај и беа дадени воведни говори. Но, на 29 – ти октомври истата година судењето почна одново оти поминаа три месеци без да се закаже рочиште.

По една година судење, изведување докази, сослушување сведоци, на 16 – ти октомври 2019 – та година, судењето повторно почнува од ново, повторно поради истек на 90 дена без да има рочиште. Но, по само по четири месеци судење, на 24 – ти февруари 2020 – та година, постапката повторно почна одново поради промена на судија поротник.

И по судење повеќе од една година, на седми мај годинава постапката повторно почна од почеток. Причината беше иста – 90 дена не беше закажано судење.

Последно, „Тендери“ почна пак одново на седми месецов. Причина за нов старт е промена на судија поротник.

Првообвинета во овој случај е Елизабета Канческа – Милевска која беше министерка за култура во владата на Никола Груевски. Обвинението за „Тендери“ се однесува за изградбата на музејот на ВМРО – дел од проектот „Скопје 2014“. Според обвинението, направени биле злоупотреби при тендерската постапка. За овој објект беа потрошени над 16 милиони евра народни пари.

Инаку Елизабета Канческа – Милевска беше дел од осумте пратенци на ВМРО – ДПМНЕ кои гласаа за промена на Уставот и за промена на името на државава преку Договорот од Преспа. Канческа – Милевска во неколку наврати негираше дека ги поддржала уставните измени за да се пазари со власта за да добие олеснително околност во судскиот процес кој се води против неа.