Синот на поранешниот висок државен и партиски функционер на ДУИ Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“, Аријант Џафери, завчеравечер физички го нападнал претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Очевидци на настанот, како што објави Дојче веле, велат дека Џафери седнал на масата на која се наоѓал Бислимоски во еден скопски ресторан и по неколку минутен разговор физички се пресметал со него. Аријанит Џафери најпрво барал објаснување од Бислимоски зошто Комисијата за енергетика започнала постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма, а потоа и физички го нападнал. Откако неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го отргнат и сите заедно избегале во непознат правец.
Сведоци на настанот велат дека Џафери со својата придружба седел на соседната маса до Бислимоски и во текот на вечерта во неколку наврати го провоцирал, но тој не одговарал на провокациите. Потоа седнал до него на масата со објаснување дека сака да поразговара со него, но по неколку минути го нападнал. Џафери барал од Бислимоски да ја запре постапката против неговата фирма, а кога тој одбил, Џафери почнал да го удира по главата.
Полицијата кога пристигнала на местото на настанот не успеала да го пронајде напаѓачот.
Синоќа на социјалните мрежи се вртеше видео од овој немил настан, кое било снимено од очевидци, од кое може да се види како Џафери го влече Бислимоски и се обидува да ја продолжи физичката пресметка со него.
Портпарол на Регулаторната комисија го потврди инцидентот за Дојче веле и вели дека претседателот на РКЕ Бислимоски нема посериозни повреди и се чувствува добро. Откако дал изјава во полиција, рано утрото во вторник Бислимоски бил и на прегледи во болница.
Полицијата против Џафери ќе поднесе пријава за кривично дело насилство, а за случајот е известен и јавен обвинител.
Причината за нападот врз Бислимоски била одлуката на РКЕ од 23 септември годинава да започне постапка за одземање на лиценцата за снабдување со електрична енергија на фирмата на синот на Муса Џафери. Врз основа на пријава од МЕПСО, од каде алармирале дека фирмата „У Пауер“ ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит, од РКЕ одлучиле да поведат постапка против компанијата.
Инаку, Бислимовски на функцијата претседател на РКЕ е според коалицискиот договор на ДУИ и СДСМ, од чии редови е избран. Видеото од тепачката може да го видите ТУКА.