Европската унија има намера да го интензивира дијалогот со земјите од Западен Балкан за да ги објасни придобивките од финансирањето преку главните инструменти на инфраструктурните проекти на ЕУ, а воедно ги повикува властите да посветат посебно внимание при обезбедувањето инвестиции од други партнери кои му помагаат на регионот да ги исполни стандардите на ЕУ, рече портпаролката на ЕУ. Маја Коцијанчич за Радио Слободна Европа.
Коцијанчич вели дека финансирањето на Европската унија за инфраструктурата вклучува бесповратни средства, помешани со кредити со атрактивни камати.
– Тоа е спротивно на кинеското финансирање, кое доаѓа скоро исклучиво во форма на заеми со значителни финансиски импликации. Затоа, владите треба да бидат внимателни овие инвестиции да не ја стават економијата на високо ниво на задолженост, што може да резултира со контрола на трансферот на стратешки средства и ресурси во иднина, предупреди портпаролката на ЕУ.
Таа потенцира дека регионот на Западен Балкан има јасна европска перспектива и дека дел од овој процес, исто така, подразбира и потреба од модернизација на инфраструктурата во овие земји.
Според европските официјални претставници, инвестициите во регионот мора да бидат во согласност со високите стандарди за јавни набавки и транспарентност. Исто така, се наведува дека Европската унија очекува партнерите од Западен Балкан да ги исполнат своите обврски согласно нивните Спогодби за стабилизација и асоцијација (ССА), „особено во однос на државната помош и јавните набавки и да ја заштитат фискалната одржливост на нивните економии и инвестиции“.
Коцијанчич, од друга страна, потсети дека ЕУ е најголем партнер на регионот за трговија и инвестиции, при што 70 отсто од трговијата на Западен Балкан е со ЕУ, а 60 отсто од странските директни инвестиции во регионот се од Унијата.
– Наспроти тоа, помалку од шест проценти од трговијата и странските инвестиции во регионот доаѓаат од Кина, рече таа.
Од 2015 година, Европската унија ја засили својата поддршка за развој на поврзаноста на регионот со над 3,2 милијарди евра инвестиции, кои, како што наведува РСЕ, создадоа работни места и ја интегрираа инфраструктурата на регионот во паневропската мрежа за да се максимизира економскиот потенцијал и конкурентноста на регионот.