Изјавите на албанскиот министер за дијаспора, Пандели Мајко, дека од јануари 2019 ќе нема граница меѓу Албанија и Косово, повеќе треба да се гледаат како средства за пропагандистичко консумирање и изборни гласови, отколку како нешто што реално може да се случи наскоро, пишува денеска приштински Коха Диторе.
Како што јави МИА од Приштина, Мајко во средата во Скендерај им порача на косовските Албанци дека од 1 јануари 2019 ќе започне слободното движење меѓу Албанија и Косово и дека таа одлука веќе ја донел премиерот Еди Рама.
– Косово и Албанија веќе нема да имаат класична граница меѓу себе. Тие што ќе ги посетуваат двете земји нема веќе да бидат запирани од граничната полиција на двете страни. Ако се оди како што треба, „шенгенот“ на двете земји ќе стапи во сила на 1 јануари 2019 година, изјави Мајко во Скендерај.
Поранешниот албански премиер, а сега министер за дијаспора, во Скендерај учествуваше на манифестација за косовската дијаспора, на која присуствуваа и косовскиот премиер, Рамуш Харадинај и претседателот Хашим Тачи, кои не реагираа на изјавата за бришење на границата.