Коле МАНЕВ

Многу одамна, еден пријател ми кажуваше приказна за еден негов роднина или познаник кој имал чудни манири. Секогаш носеше на себе широка виндјакна и кога ќе влезевме во продавница за прехранбени производи, ми раскажуваше пријателот, мојот роднина ќе земеше корпа за намирниците кои требаше да ги купи, ќе ставеше една салама во корпата, а друга салама ќе сместеше во неговата обемна виндјакна. Ќе земеше кафе, едно во корпата, друго во виндјакната и така се по ред – еден производ во корпата, друг кај него.

Тоа го правеше се додека неговата пазува не се наполнеше со намирници. Потоа, без трошка срам или страв, одеше на каса, ќе платеше тоа што имаше во корпата, а тоа што го носеше во пазувата кришум го изнесуваше надвор, односно го крадеше. И така се по ред, од продавница до продавница, роднината (познаникот) на мојот пријател си ,,заработувал“ за живот. Неколку пати  луѓето од продавниците го имале забележано и фатено како краде, бил носен во полиција и неколку пати осудуван, но и покрај тоа наредниот ден или наредната недела, си продолжувал по свое.

Кога мојот пријател го прашал зошто го прави тоа, познаникот му одговорил: „Знам дека сево ова е лошо и не чини, но кога ќе влезам во продавница морам нешто да украдам. Верувај ми тоа е посилно од мене!“

Како што ми кажуваше мојот пријател, тоа беше причината што се откажал од понатамошно дружење со неговиот познаник.

На ова се присетив деновиве кога се запрашав што е тоа што некои луѓе, некои личности, носат во себе нешто што е посилно од нив и е крајно изопачено? Во изминативе три или четири години го имаме случајот со Зоран Заев кој по се изгледа дека и тој како и познаникот на мојот пријател носи нешто во себе што е посилно од него. Ако Зоран го ставиме во улогата на познаникот, ако во стилот ,,едно евро за него, друго за Вицето, трето за не знам кого“ од некоја продавница крадеше една салама за него, друга за Вицето, трета за не знам кого, или наместо салами ставаше во неговата пазува  краставици, пиперки или тикви од Муртино, па можеше и да му се прости. Во приказнава на Зоран Заев, каква што ја знаеме и познаваме досега,  предизвикан од тоа што е посилно во него, не станува збор што во неговата пазува сместува салами или краставици. Опасноста е во тоа што Заев си поигрува со историјата, традицијата и културата на цел еден народ. Како никогаш досега, ниту во турско, бугарско, српско или грчко, државата не беше ставена на оган и запалена како што тоа во овие изминати три години го прави Заев и неговата политичка орда.

Откако заедно со шармерот Димитров, потпомогнати и од Стево, го извалкаа името и улогата на Гоце Делчев прогласувајки го за Бугарин, сега кога сме пред избори, Заев вели дека и Гоце Делчев би се гордеел со промена на името и дека силно чекориме кон НАТО и ЕУ. Човекот од не знам кои причини си зборува сам со себе, а потоа верува во сопствените имагинарни разговори. Секој ден, како канабис никнуваат нови случувања кои ги предизвикува Заев како причина и резултат од тоа што е посилно во него.

Ниту трите продолженија на италијанскиот весник ,,Ла Верита“ во кои се отсликува срамниот чин како за десет евра купуват гласови за изборите, Заев не може да се ослободи од тоа што е посилно од него. Еднаш тврди дека додека го дише овој македонски воздух и додека го држи умот, нема да дозволи промена на Устав за промена на името. За две недели го промени името. Ќе има избори, па нема да има избори ако не се донесел законот за ЈО. Го напуштија сите тие кои го убедуваа дека ако го промениме името, кај нас ќе почне да тече меди млеко. Заев и Димитров го променија името, ништо од ветеното не се случи, а тие што им ветуваа на овие двајца сега ги нема никаде, како да изчезнале од земјината топка. Но, Заев и Димитров се уште веруват во тоа што е посилно во нив. Кого потајно не донесе во државава, или отишол на гости кај нив, почнувајки од тој големиот за марихуана, се до сомнителни личности од Малта кои во нивните земји се изложени на судски процеси. Некаде прочитав дека за милионски суми на евра купува тутун од странство, за потоа со министерот за земјоделие да ги лажат нашите тутунари чија мака и пот Рацин ја испеал во неговата песна Ленка.

Во случајот на Заев не станува збор само за една салама за него, друга за Вицето, трета за не знам за кого, се работи за судбината на сите граѓани од нашава држава кои можеме да бидеме жртви. Затоа, на најавените избори под итно да се ослободиме од Заев и неговите пајташи кои во себе носат нешто што е посилно од нив, а тоа е тотална деструкција и неминовно зло.