Коле МАНЕВ
Како граѓанин, имам обичај да ги наблудувам секојдневните културни, социјални, економски, но посебно, и со големо внимание, ги следам, ме интересираат актуелните политички настани.
Во нашава држава политички случувања има од секаков вид и често ми заликуваат на ликовна палета во која се поставени сите можни бои. Минатава недела забележав дека политичките збиднувања влегоа во шеста или осма брзина. Почнав да се уверувам дека на сеуште актуелната власт нешто силно и се брза! Се прашував зошто толку брзање, која е причината за такво нешто? Во Собранието почна жетвата за прибирање пратеници (посебен интерес им се тие осумте одметнати) и гласање на секакви закони, некои од нив врзани со Бадентер, некои не, други насочени кон канабис и марихуана – просто да те фати страв.
Низ ходниците и просториите на законодавниот дом очигледно се случуваше налудничава трка во потрага по пратенички гласови, се добиваше впечаток како некои пратеници, избрани од нас граѓаните, да беа влечени за „шија“ за да бидат сместени на нивното пратеничко столче и за да гласаат за тоа што им било наредено. Велам, се добиваше таков впечаток, можеби било така можеби и не било. Ама при едно гласање за Законот за ЈО на електронската табла се појави бројката од 74 гласа „за“, а потребни беа 80, па Џафери и овојпат се покажа како вистински жонглер и го поништи тоа гласање.
Следуваше повторно трка по тие непослушните, за на крај со ново гласање да се постигне бројката од 80, потребна за освојување на Законот за ЈО. Тоа ти е демократија, ако едно гласање не ти одговара – ќе го поништиш, ќе фатиш за „шија“ уште неколку кои се сокриле во подрумот или во некоја тајна просторија и завршена работа. Нели не така одамна од некои поранешни европски видни личности (од ЕУ) добивме препораки дека кога ќе стане густо, нештата да ги решаваме на балкански начин. Ние лекциите и препораките веднаш ги учиме и веднаш ги применуваме.
Во истиот тој период додека се случуваше политичката рашамонијада во Собранието, шармерот за надворешни работи Димитров и министерот за евро-етнички интеграции Османи, помпезно тргнаа во потрага по нешто низ Европа. Дури тогаш се сетив зошто на власта толку многу и се брза со донесување на закони со (европско) знаменце и значење! Дали шармерот и овој за етнички прашања сами решија да тргнат низ Европа или по налог на некој друг не е ни битно, важно е дека имале конкретна цел обележана со европско знаменце и значење. Се упатија во потрага по датум, да намирисат дали има некаква можност, на балкански начин се разбира (да просјачат), за добивање на датум за преговори на европски начин. Па еве ние донесовме толку закони на балкански начин, ние нашето си го исполнуваме сега е време и ЕУ тоа да го направи. Отидоа прво во Париз се сликаа пред некои скали од Елисејската палата, а кога дознаа дека важните личности на Франција се во Минхен, веднаш се упатија и тамо повторно да просјачат на балкански начин.
Набрзо со иста цел кон Европа се упати и техничкиот премиер Спасовски, да помогне и тој со свое питачење. Сите тројца можеа да седнат на некоја париска или европска улица, да си напишат и табла (не како таа на Мизрахи) и да се престават: „Ние сме од Северна –помогнете ни“! Тргнаа низ Европа самобендисани и помпезно се вратија тивко и понизно како балкански питачи, поточно како просјаци од Северна.