Фанче ДИМИТРОВСКА

И покрај сите трауми од безмалку секој аспект на владеење на она што на големо се промовираше од странските фактори, но и од нашата наводна интелектуална елита, како реформска власт спремна да ја стави борбата против криминалот високо на својата агенда, покрај интуицијата, за жал постојат и други параметри кои ме уверуваат дека и оваа епизода на обид за конечна победа на правната држава против криминалот на политичките и бизнис моќници ќе заврши во најмала рака неславно.
Ако на почетокот од текстот спомнав дека сме поминале бројни трауми на ниво на нација, но и поединечно како граѓани секој со свои борби и очекувања, она што би било логично да се очекува – извлекување на поука од искуството.
Ако паметните учат од туѓите, не толку паметните од своите, тогаш како би се нарекле оние кои не учат ни од туѓите, ни од своите грешки.
Така, ако за момент успееме да ги апстрахираме длабоките поделби на нацијата по прашањето на решавањето на проблемите со соседите и разликите во впечатоците на граѓаните во однос на успешноста од исходите кои произлегоа, она за што се чини постои национален консензус, барем кај огромното мнозинство на граѓани, се разбира освен оние најблиски до политичките елити, кои имаат лукративен интерес од нив, е секако расчистување со криминалот и корупцијата особено во високите ешалони на власта.
Ако до сега тоа беше невозможна мисија, и ако наместо напредок доживуваме деволуција на тој план, логично е да се запрашаме каде сме погрешиле.
Ова посебно доаѓа како неопходно после последниов обид преку создавање на ад – хок правосуден орган креиран по повод прислушуваните разговори и индициите за криминал, а со завиден буџет и формална, со акцент на формална независност од извршната власт.
Пред се, ова е можност и прилика за бројните разочарани и резигнирани од политиките на сегашната власт да го сменат односот со кој и самите допринеле за своето разочарување, бивајќи ветер во грбот на процесите за кои времето им покажа дека постигнале ефект обратен од посакуваниот.
Имено, секако дека јавноста е во право, здравиот разум говори за инволвираност на многу поголем број на актери во случајот рекет, од до сега формално осомничените Боки и Кичеец.
Секако целата операција би морала да има своја мрежа и бројни актери кои си го одработувале својот дел.
Тешко веројатно е дури и дека е ова планирано од денес за утре, или дека инволвираните функционери спонтано паднале во искушението на понудите кои не можат да се одбијат.
Во прилог на ова говорат неколку факти преку чие што логично поврзување не е тешко да се исцрта кривата на поврзување на актерите и настаните кои допрва ќе се одмотуваат.
За почеток за мене барем е доволно индикативно што човекот кој стана миленик на власта така речено преку ноќ бил предмет на сериозни кривични постапки за кои, новинарот Геровски ќе напише во една од серијалот приказни врзани за овој предмет, биле ставени во фиока токму по доаѓањето на новата власт.
Натаму, владини функционери членови на контраверзната невладина организација на чие чело се наоѓа токму тој. Овој факт е беспредметно и да се коментира.
Натаму, верувале или не, оваа власт не смогна сили да обезбеди работно место како што доликува на еден син на ваков функционер во бројните државни фирми, туку токму наоѓа работа во делот на маркетинг на телевизијата 1ТВ.
За овој податок важи истата констатација наведена во погорниот ред.
За на крајот да ја проширам листата на фасилизатори и соучесници на ова зло на безмалку целата македонска јавност, посебно онаа која е најповикана да го штити јавниот интерес.
Тука пред се ги вбројувам интелектуалците, правниците, експертите и ним сличните.
Ако претходно дозволивме да простиме и да се помириме со тотално политизирано СЈО, и јавноста преку навивање и форсирање на осудителни пресуди по секоја цена, притоа ставајќи ги судиите под политички притисок што дозволуваше СЈО да демонстрира безмалку неограничена моќ создавајќи дури дух на триумфализам и мит за себе во јавноста, тоа остави празен простор за самоволие и чувство за недопирливост кои пак резултираа со ова што го сведочиме денес.
Како да не научивме досега дека бланко поддршка е недопустливо поведение во политичката култура на партиципативност (ако се стремиме кон таква).
За жал и натаму инерцијата е сила на која што се покажува дека сме неспособни да и опонираме.
Така, ако внимателно ги следиме случувањата и информациите кои доаѓаат до нас поврзано со истрагата која се води за предметот ќе видиме сличен modus operandi на оној на кој навикнавме во настапите на СЈО.
За илустрација, обвинителката Рускоска не пропушти да не информира дека прв случајот на рекет го пријавил, кој ако не премиерот. Сепак, знаејќи дека кривично дело во обвинителство се пријавува преку поднесување на кривична пријава, па макар и како што обвинителката истакна дека патем премиерот го пријавил случајот усно, сепак во најмала рака ова мора да е поткрепено со записник, или било каков официјален документ заверен архивски.
Инаку ако ваков акт не постои потполно е излишно овој податок да го истакнува во јавноста бидејќи без докази, и да се случило, тоа нема никаква поголема важност од било каков, што би рекле битолчани – “чамче муабет”..
И секако, ако премиерот не располагал со доволно докази за иницијалниот акт, а имал некакви дојави, прашање е зошто прво и основно не го пријавил случајот кај Спасовски во МВР.
И последно, но не и по значење, односот на Рускоска кон статусот на К.Ј. во истрагата.
Изјавува дека за сега Ј. не е осомничена, од друга страна се поставува прашањето во какво својство и е одземен телефонот.
Тоа се веќе премногу случајности за да не се дојде до заклучок дека уште во оваа фаза самиот предмет е веќе обременет со товарот на политиката.
Ако на тоа се додаде и сензибилизираноста на јавноста со минатиот труд на Рускоска, која патем деновиве беше ладно предложена од Заев за наследник на “паднатиот ангел”, станува сериозно „дежа ву“ и само „копи пејст“ на веќе виденото сценарио.
Па уште и со истите актери. Така, ако и овој последен тест го промашиме на своја сметка не треба да се чудиме за податоците кои говорат за фрапантно високиот степен на функционална неписменост.