Страшо АНГЕЛОВСКИ

Преку толкувањето на овие два термини за политичарите, оние со доверба и оние со задача, може да се објасни токму она што во моментов и се случува на Македонија, но и на светот, посебно на земјите од “меѓународната заедница“ – земјите членки на НАТО и на ЕУ.

За да дојдеме до вистината, иако таа нема да им се допадне на светските и локалните цензори (проверувачи на факти), мораме да се вратиме малку наназад.

Имено, со појавата на Маркс и неговата идеологија, започнува процесот, кој трае непрекинато до денес, процес на уништување на класичниот капитализам како начин на создавање нови вредности; на семејството како столб на општеството; на нацијата како чувство на припадност; на националната држава како највисок степен на општествено организирање; на Православието како чувар на вистинските морални вредности…

Па така, на темелите на марксистичкото учење се изградени и Комунистичката партија на Сталин и Работничката национал-социјалистичка партија на Хитлер, како две најголеми зла со кои се соочило човештвото, но и современиот либерален модел на владеење, како најголемо зло со кое денес се соочува човештвото. Либерален модел воведен од остатоците на Комунистичката партија во САД во средината на минатиот век. Од тогаш започнува и обидот на современите американски марксисти, преоблечени во либерално руво, да го загосподарат светот.

Нормално, за таа цел им беше потребно моќно оружје со кое ќе тргнат во освојувачкиот поход. Тоа оружје беше најмоќната држава на светот, САД. Но, за да можат да ја имаат в раце и да ја користат како оружје, најпрво мораа да ја уништат одвнатре.

Појавувајќи се од политичкото мочуриште, го уништија американскиот класичен капитализам како начин на создавање нови вредности и врз основа на тоа и полнење на сојузниот буџет и, создадоа либерален капитализам кој без да создаде нови вредности, создава само енормно големи капитали за сопствениците, како Силициумската долина, Вол Стрит, Фајзер… кои, пак, заедно, го контролираат воено – индустрискиот комплекс; го уништија американското традиционално семејство; ги уништија вистинските морални вредности и создадоа лажни ЛГБТ “гордости“; го поделија американското општество на либерална елита на едниот и на другиот брег на континентот, од една страна и, “Америка за прелетување“ на небањатите Американци, меѓу двата брега, како што би рекла Хилари Клинтон со омраза кон “небањатиот“ дел од сопствениот народ, од друга страна.

На крајот, создадоа “политичари со задача“, кои, во нивно име, ќе ги раководат овие уништувачки процеси. Последен во низата е актуелниот претседател Џо Бајден.

И сега, за да го загосподарат светот, им требаат и послушни сојузници, кои ќе молчат и слушаат и, ќе бидат бројка во светскиот политички апартхејд претставен како “меѓународна заедница; бројка во светскиот економски апартхејд претставен како Г7, како групата Давос, како ММФ, како Светска банка; бројка во светскиот (не)морален апартхејд претставен како ЛГБТ вредносен систем кој треба да го замени традиционалниот… Тоа се, нормално, нивните “партнери“ од ЕУ и НАТО.

Па, нивен следен потег беше преку разни “вечерни курсеви“ за млади лидери, да создадат “политичари со задача“ кои ќе бидат инсталирани во сопствените држави, членки на ЕУ и НАТО, но и во самата ЕУ како европска наддржава. Денес, тие и таквите, обучени да бидат послушници, беспоговорно ги извршуваат “задачите“ од своите “газди“, за жал, најчесто на штета на сопствените држави и сопствениот народ. Имаме недоброј примери на таквото однесување на инсталираната либерална елита, но секако најеклатантни се примерите со Владимир Зеленски и Зоран Заев. Првиот, Зеленски и неговата екипа од корумпирани “политичари“, со задача да испровоцира војна со Руската Федерација заради “поефикасна борба против Москва и подигнување на нејзините трошоци за конфронтација и милитаризација“, како што уште пред четири години најави Викторија Нуланд.

Вториот, Заев и неговата екипа од корумпирани “политичари“, со задача да ја уништи сопствената држава и сопствениот народ заради насилно ставање на територијата на државава под чадорот на НАТО.

Така, Зеленски, заради добиената задача, не ги испочитува договорите од Минск и ја испровоцира војната, а на директно барање на еден од неговите “газди“, Борис Џонсон, се повлече и од Договорот за мир од Истанбул, со што сопствената држава и сопствениот народ ги доведе во опасност од исчезнување.

Заев, пак, заради добиената задача, и покрај неуспешниот референдум, го потпиша Договорот од Преспа и насилно го промени името на државата и го избриша идентитетот на македонскиот народ, со што и државата и народот ги доведе во опасност од исчезнување.

Притоа, сесрдно поддржани од политичарите со задача од ЕУ, НАТО и САД, смешните ликови кои дефилираат низ Украина и Македонија и не’ подучуваат што е најдобро за нашето самоуништување.

ПОМОШНИЦИ ПОЛИТИЧАРИ СО ЗАДАЧА

Денес, за да може спротивно на волјата на гласачите, инсталираните политичари со задача да се задржат на власт во Македонија, нормално, за да ги довршат зададените задачи, се инсталираат помошници политичари со задача. Тоа се оние кои дебело платени ја предводеле шарената револуција за уништување на Македонија, дебело платени биле дел од злогласното СЈО, за денес, лажливо, со реторика што гласачите сакаат да ја чујат, се нудат за спасители. Тоа се оние кои веќе по неколкупати коалицирале те со едните те со другите, но и оние кои пред една година, или пред еден месец, сеедно, формирале или добиле партија, па денес, според ликовите во една документарна емисија на Дискавери со наслов “Извалкај се и збогати се“, плукајќи по опозицијата, си ги валкаат образот, рацете и јазикот и, материјално се богатат, а духовно осиромашуваат.

Сите тие, како подизведувачи, како помошници политичари со задача, имаат една и единствена добиена обврска од своите “газди“ – како да одземат што повеќе гласови од опозицијата, за да може уништувачите на Македонија кои себе си’ се претставуваат како “Европски фронт“, со нов изборен инжинеринг, изведен од нивните “газди“, да останат на власт. Или барем само еден дел од нив, ДУИ, кој, според нивните пресметки, останувајќи и во идната Влада, штитејќи го сопствениот криминал и криминалци, би го штител и криминалот и криминалците од редовите на својот криминален партнер СДСМ.

И, кога сме веќе кај “Европскиот фронт“ (воинствените марксисти кои преку РЕВОЛУЦИЈА, шарена, стасаа на ФРОНТ, европски), да ги потсетам на три работи:

1. Американскиот сенатор Линдзи Грахам, при посетата на Украина изјави – “Русите умираат… Најдобрите пари што некогаш сме ги потрошиле.“

2. Еден стар брачен пар со етничко руско потекло од Литванија, кој цел живот живеел таму, е протеран од државата со образложение дека не го поминал тестот за познавање на службениот јазик.

3. Русите кои претставуваат 30 проценти од населението во Естонија немаат право да го користат својот мајчин јазик.

Па, бидејќи пред гласачите должат одговор, а, се залагаат за европските “вредности“, ќе ги прашам:

1. Дали, помагајќи и на Украина, сметаат дека смртта на луѓето, кои и да се, се добро потрошени пари од македонските даночни обврзници, идните гласачи?

2. Дали се согласуваат со протерувањето на старците од европска Литванија, заради “непоминување“ на тестот за познавање на службениот јазик и, колкумина, во име на европските “вредности“ треба да бидат протерани од Македонија и

3. Дали се согласуваат, естонскиот принцип на забрана на користење на мајчиниот јазик дури и за триесетпроцентна етничка заедница, како европска “вредност“, од утре да почне да се применува од “Европскиот фронт“ и во Македонија?

Бидејќи одговорите и мене и на сите кои ќе го прочитаат текстов, ни се повеќе од познати, единствен одговор на нивната лажна реторика во проповедање лажни вредности, е гласањето за политичари со доверба (оние кои на избори ја бараат довербата од гласачите), а не за политичари со задача (оние инсталираните за уништување на Македонија).

(авторот е претседател на МААК)