Страшо АНГЕЛОВСКИ
Светот е во исчекување што ќе се случува после инаугурацијата на Доналд Трамп за 47-ми претседател на САД. Секако, очекувањата на големото мнозинство од нормалното човештво, се огромни, а надежта дека човештвото ќе се врати кон традиционалните вредности со кои живее со милениуми, станува се’ поизразена.
Првичните потези на Трамп се’ повеќе ги подгреваат токму тие надежи и, како да го покажуваат правецот во кој ќе се движат тој и неговата администрација, правецот во кој ќе се движат Соединетите Американски Држави и, правецот во кој ќе се движи светот.
ИСТОРИСКИТЕ МЕНУВАЊА НА СВЕТСКИОТ ПОРЕДОК
За да ни биде јасно што ќе се случува во светот и, бидејќи ќе бидеме сведоци на историско создавање нов светски поредок, мораме да направиме компарација со случувањата кои, во свое време, доведоа до негово неминовно менување.
- Биполарен светски поредок
Најпрво, ќе се навратиме на 1945 година, кога со победата на антифашистичката коалиција и поразот на нацизмот, се создаде новиот биполарен светски поредок. Поредок во кој двете светски сили, САД и Советскиот Сојуз, само заради обостраното поседување нуклеарно оружје, го одржуваа мирот во длабоко поделениот свет.
Во меѓувреме, под моделот на една наддржава, се развиваше и ширеше Советскиот Сојуз, како источен комунизам, во обид да ги оствари основните цели кои ги набележал Карл Маркс – одземање на суверенитетот на постојните држави и нивно бришење и претопување во наддржавата Советски Сојуз; одумирање на семејството преку целосна индоктринација на младите во комунистичкото учење и, уништување на верата, во случајов, источното христијанство. Притоа беше пропагирано комунистичко општество на благосостојба, кое го предводеше комунистичката авангарда, а кое функционираше според диктирана планска економија.
За таа цел, наддржавата Советски Сојуз, заедно со државите “сојузници“ го формираше и воениот сојуз, “Варшавскиот пакт“, како ударна тупаница на источниот комунизам.
- Униполарен светски поредок
На почетокот на деведесеттите години на минатиот век, со симболичното паѓање на берлинскиот ѕид, дојде до распад на наддржавата Советски Сојуз и до пораз на источниот комунизам. Со тоа, дојде до распад и на едната од двете светски сили, дојде до распад на ударната тупаница, воениот сојуз “варшавскиот пакт“ и, се создадоа услови за воспоставување на нов светски поредок – владеење на “либерализмот“ и создавање униполарен свет.
За жал, истовремено дојде и до пораз на западниот класичен капитализам, кој, заедно со класичната социјалдемократија, беа вистински двигатели на западниот свет, што беше уште еден предуслов за владеење на лажниот либерализам.
Па, во меѓувреме, врз основа на истите веќе познати цели на Карл Маркс – одземање на суверенитетот на државите; уништување на семејството преку индоктринирање на младите во таканареченото либерално учење и; уништување на верата, во случајов, целокупното христијанство, таканаречениот либерализам создаде една наддржава, Европската Унија, со цел одземање на суверенитетот и бришење на државите членки и, иако договорено да се самораспушти, започна да го проширува воениот НАТО сојуз. Притоа, беше промовирано граѓанското општество на благосостојба, кое го предводеа либералните елити, а кое функционираше според диктирана планска економија (колку за пример, зелената агенда).
Сите потези на таканаречениот либерализам се идентични на потезите на источниот комунизам, со што, после катастрофалниот пораз во САД, за среќа, веќе се’ повеќе луѓе либерализмот го гледаат во неговото вистинско лице – како западен комунизам.
После поразот на тој западен комунизам во неговиот последен бастион европската наддржава ЕУ и, распадот на неговата ударна тупаница, воениот НАТО сојуз, ќе се создадат реални услови за брза трансформација во еден нов светски поредок – мултиполарниот свет.
Со еден збор, “антилибералниот фронт“, кој, како движење, многумина го нарекуваат “Трампизам“, треба целосно да го порази западниот комунизам, а нормалното мнозинство од човештвото има обврска час поскоро да се придружи на ова движење.
- Мултиполарен светски поредок
За да успее “Трампизмот“ како движење, целосно да го порази западниот комунизам, лажно претставен како либерализам, мора најпрво да го уништи неонацистичкиот режим на комедијантот Зеленски во Киев. Режим кој, полека но сигурно, почна да извезува вооружени револуции на блискиот исток и, “обоени револуции“ ширум Европа, со што ги поставува клиповите под тркалата на композицијата на Доналд Трамп. Режим кој, откако безмилосно ја уништи сопствената држава, со валкани милиони се обидува да ги уништи и Грузија, Словачка, Србија, Молдавија, Романија…
Следно, “Трампизмот“ има обврска најпрво во САД, а потоа и во државите членки на ЕУ, да го порази системот на корпоративниот и, да овозможи победа на етатистичкиот принцип. Тоа ќе рече, САД и европските држави да ги преземе од системот на корпоративно и, да ги врати во системот на државно (етатистичко) владеење.
Така, покрај САД, Руската Федерација и Кина, останатите суверени држави од Европа и светот, вратени во рацете на народот, ќе бидат креатори на новиот мултиполарен светски поредок.
По примерот на “Европскиот концерт“, формиран од шесте најголеми европски држави со различни идеолошки уредувања, во 1812 година, кој, меѓу другото, и’ обезбедил стогодишен мир на Европа, ќе треба да се формира “Светски концерт“ со учество на најголемите светски сили, кој ќе треба на светот да му го донесе новиот стогодишен мир.
Ова е приоритетот на светската политика, а дури потоа доаѓа новата Јалта, на која Трамп ќе ја наметнува Монроовата доктрина, Путин новата европска безбедносна архитектура, а Си Џинпинг својот “Пат на свилата“.
Многу веројатно е дека на 23 февруари, денот на изборите во Сојузна Република Германија, човештвото ќе добие одговор во која правец ќе се движи светот. Да се надеваме дека ќе тргне во вистинскиот.
(авторот е Претседател на МААК)