Толку е идентичен натпартискиот кандидат на СДСМ со премиерот Заев. Што да каже човек, а да не заплаче на ваквата изјава на потенцијалниот претседател Пендаровски кој треба да биде коректив на законодавната и извршната власт.

Мора да признаеме дека малку шизофрено изгледаат овие изјави на претседателскиот кандидат кој од една страна тврди дека ќе биде камшикар на власта, а од друга страна тврди дека ставовите со премиерот Заев им се поклопуваат 102,5 отсто и дека кога ќе се обраќа Заев тој немало да зборува!? Па чекајте малку, кого ќе го бираме за претседател: Заев или Стево? Кој е тој што треба да се претстави на граѓаните за да добие глас плус, Заев или Стево?

Убаво што тоа го потенцираше на самиот старт на кампањата за да знаат граѓаните што да очекуваат доколку го изберат Стево за претседател, човек кој менува ставови, човек на кој политиката му е над правото, човек кој ќе биде продолжена рака на Заев во распродавањето на националните интереси и верификатор на штетните законски решенија предложени од актуелната власт.

На вчерашното прво соочување на претседателските кандидати Стево пропушти да каже на кој начин тој ќе се обиде да се оттргне од влијанието на Заев и да биде претседател како Борис Трајковски, а не како Иванов кого го обвини дека во ниту еден момент не се одлепи од политиките на ВМРО-ДПМНЕ? Не слушнавме и како воопшто како тој ќе се одлепи од политиките на СДСМ особено после изјавата дека неговите ставови се поклопуваат 102,5 отсто со тие на Заев.

Можеби најфарпантно од се е што вчера упорно се трудеше да докаже дека политиката е над правото, а притоа се пофали дека е доктор на правни науки.  Можеби таквото политикантсво е својствено за Заев, но не би требало такви изјави да кажува човек кој е долго време етаблиран како експерт во македонското општествено политичко битисување.

Не ми е јасно каква политика ќе води Стево ако имаме распаднат правен поредок? Ако се газат Уставот и законите кои се донесени за да може едно општество да функционира? Каква политика ќе води ако нема конзистентен правен систем, кој тежнееме да го усогласиме со европското законодавство, за да можеме да станеме полноправни членки на ЕУ? Дали моменталниот став на некој европски политичар ќе му биде поважен од Уставот и Законите? Затоа што вчера ја застапуваше тезата дека мора да се согласиме за сé со помоќните од нас без притоа да водиме сметка за националните интереси. Тезата која што изминатава година ја слушаме и од Заев, дека немало друг начин да станеме членки на ЕУ и НАТО ако не се откажеме од сé.

Можеби Чомбе како шеф на изборниот штаб треба да му каже на Стево дека почитувањето на Уставот и законите треба да му бидат на прво место, политиката што ја креира треба да биде во согласност со државните и националните интереси, согласно волјата на народот кој ја делегира власта. Нека му каже дека кога се преговара мора да се извлече нешто и за страната која ја застапува, а дека согласувањето со секое барање на другата страна не е преговарање туку капитулација.

Сака да биде му биде камшикар на Заев, ама не бекна за срамот кој ѝ го нанаесе Владата на државата со неинтонирањето на химната при посета на странски државник. Изгледа тоа ќе биде пракса која и тој како можен иден претседател ќе ја почитува доколку некоја помоќа земја од нас изјави дека има проблем со нашата химна.

Да, навистина е 102,5 отсто како Заев. Тогаш, се прашувам зошто ни е Стево кога веќе го имаме него?

 

Мартина Антиќ