Ете баш така Заев вчера на „дебатата“ на ТОП Тема си одговори на прашањето што значи успешен референдум.

Јасно ни е на сите дека не си го прочитал Договорот со Грција, ама дај друже бар еднаш прочитај што викаат Уставот и Законите пред да излегуваш во јавност и да кажуваш мислење. Па не си ја наследил државата од татко ти Панчо за да си ги толкуваш законите онака како што тебе ти одговара. Државата не е гранап што го водиш па ќе си правиш така како што тебе ќе ти текне. Можеби ако Лупевска ја водеше вчерашната дебата ќе ти укажеше на тоа, доколку дрскоста не ѝ е резервирана само за лидерот на опозицијата, на Боби Христов очигледно му беше непријатно да те искара и да ти укаже дека успешноста на референдумот е поинаку правно регулирана.

Е па штом е така, штом не е важно дали има или нема цензус тогаш дај те молам објасни ни зошто потрошивте грдни пари на кампањата „Излези ЗА Македонија“? Нели не е важно колкумина ќе излезат, туку е важно повеќето да гласаат ЗА. И веќе кога сме кај тоа повеќето да гласаат ЗА, колку се тоа повеќето, онолку колку што ќе одлучиш ти? Што ако излезат 400.000 граѓани, и од нив 200 илјади гласаат ЗА, а останатите 200 илјади гласаат Против или со неважечки ливчиња? Што ќе кажеш тогаш? Дека се неважни овие 1,2 милиони гласачи што не излегле да гласаат, дека се важни само тие 200 илјади што гласале ЗА?

Ај пак да ти кажам затоа што Боби не ти кажа синоќа, не водиш гранап туку држава па да си правиш тезгарски математики. Законот за референдум е јасен и барем прочитај го членот кој се однесува на успешен референдум, не мора да го читаш цел Закон, еве ќе ти помогнам член 30 став 1 од Законот за референдум вика: „Одлуките на референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, ДОКОЛКУ гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон поинаку не е утврдено:“ Кога сме веќе тука прочитај го и член 29 став 1 од истиот Закон кој вели: „Одлуката за менување на границата на Република Македонија и одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави се усвоени на референдум ако на референдумот за нив гласало мнозинството од ВКУПНИОТ број граѓани запишани во Избирачкиот список.“ Треба ли да те потсетам дека во референдумското прашање нé прашуваш дали сакаме да бидеме дел од НАТО и ЕУ?! Што значи не цензус, туку ти требаат 900 илјади граѓани да гласаат ЗА.

Драг премиере, Уставот и Законите се пишуваат за да се организира едно општество, и истите треба да се почитуваат од сите па и од носителите на највисоките функции на власта, значи и од тебе.

За крај, со оглед на тоа што јавно ни кажа дека нашата волја не е важна, нас не ни останува ништо друго туку добро да размислиме дали сакаме да бидеме дел од оваа фарса наречена референдум.

 

М-Р Мартина Антиќ