Четири дена после референдумското изјаснување за евроспка односно Северна Македонија се трудам да си ги средам впечатоците од европскиот начин за гласање во поединечни општини во Македонија.
За локалните избори веројатно вежбаа како треба да се спроведат избори по европски стандарди, а референдумов им беше генерална проба пред премиерата наречена парламентарни избори. Од она што го видовме навистина беа на висина на задачата, просто не знаев дали се одвива референдум во Данска или Шведска. Сé си беше согласно закон и европски стандарди, луѓето имаа можност на фер и демократски начин да го искористат или не своето право на глас. Немаше никакви притисоци и јавувања по телефон од страна на претпоставените и директорите дека мора да излезат да гласаат, ниту закани дека ако не излезат им виси во воздух работното место. Немаше групни гласања и чувај Боже полнења на кутии, сé тоа е само во главата на вмровците кои како по обичај сакаат да шират fake news и да го заплашуваат народот со цел да бараат амнестија за криминалите направени од претходното раководство. Немаше ниту јавувања од кол центрите на Бихаќка до нивните членови да ги потсетуваат да гласаат и со тоа да го прекршат изборниот молк, а ниту до членовите на ВМРО ДПМНЕ за да ги известат дека е постигнат договор и дека треба да се гласа. Што е најважно нема казнувања на оние што не го оствариле своето право на глас во неделата, нема дисциплински постапки и откази.
Тоа што нагло порасна процентот на излезност од 17:00 часот во Сарај, Липково, Струга, Арачиново итн. е само затоа што граѓаните на овие општини навистина сакаат да влеземе во Европа, тоа им е многу поважно отколку парламентарни избори и локални избори. Едноставно луѓето се визионери, гледаат на далеку, локалната и централната власт се променлива категорија, а членството во ЕУ и НАТО е за сва времена. Затоа кога видоа дека Македонците се на добар пат да ја урнисаат шансата на Македонија се мобилизираа, и дадоа натчовечки напор и гласаа на секои 15 секунди само и само за подобро утре за сите нас. Меѓутоа и покрај сé што направија не беше доволно да се постигне разликата која ја направија несовесните и затупени Македонци за да се достигне цензусот за успешен референдум.
Навистина е нејасно како толкав број на Македонци одлучија да останат дома и да не гласаат за европска ова де Северна Македонија. Бог да чува името и идентитетот им биле посвети отколку „бесплатното здравство“. И ете сега претставниците на власта зборуваат дека тоа било заради тие 600 000 иселени и непрочистениот избирачки список, а кутрите збунети од тишината што им се случи заборавија дека токму тие го прочистуваа избирачкиот список и дека иселените лица можат да го остварат правото на глас во дипломатско конзуларните претставништва во државите во коишто живеат. Не бе другари, не е до тоа, до вашата политика е, до продавањето на националните интереси, до тендер бизнисите на Анѓушев, до омаловажувањето на народот и вреѓањето на интелигенцијата на луѓето, до флагрантното кршење на законите, до шверцоначалникот што го ослободивте, до стипендиите што им ги доделивте на вашите деца, до грантовите за иновации што ги лапнавте, до нерешените убиства на Саздо и Јанушев, до криминалните пресметки низ Скопје, до …. долг е списокот, а го направивте за само една и пол година. До тоа е, и не ја сфативте опомената од народот во неделата и наместо да седнете и да видите што се случи вие најавуавате избори, само пазете да не се доизненадите од фактурата што ќе ви биде испорачана.
М-р Мартина Антиќ