Статистиките покажуваат дека 5 до 20 проценти од мажите во светот имаат еректилна дисфункција, медицински феномен познат како импотенција. Причините за ваквата дисфункционалност се различни, но најчесто импотенцијата е резултат на стресот и грижите, велат истражувањата.
Во Македонија, пак, сведочиме на нов општествен феномен, ендемски облик карактеристичен само за оваа почва, кој и прави силна конкуренција на охридската пастрмка и моликата. Во последната година државата доживува наплив на ПОЛИТИЧКА ИМПОТЕНЦИЈА, феномен кој јасно се изразува преку аполитичкото дејствување на Заевата влада.
Да, освен рејтингот, кој им е во постојан слободен пад и нема вијагра која би можела да го подигне, карактеристика на владеењето на актуелната хунта е импотентната политика, која за наша жал, преку своето „дејствување“ ја претставува нашата земја како инфантилен, импотентен протекторат кому „работата“ му ја врши соседот, т.е. „комшијата.“
Благодарение на оваа импотентна владина политика, Македонија во моментот наликува на држава „во обид“, која и покрај силната самосвест на нејзините жители, силно изразена со громогласниот молк и остар непокор на Референдумот, живее или преживува ден за ден во очекување Меѓународната заедница да и заврши се’ дома. А и во странство…
Така, пред и пореферендумски, имавме канонада на странски емисари и државници, кои се обидоа да го „дигнат“ и поведат народот и со својата лажна потенција да ја прикријат импотенцијата на своите миленичиња. Катализатор им беа странски и домашни медиуми кои секојдневно ораа по македонскиот етер и ветер, а вазелинот беше во форма на дузина некрофилски платеници финансирани од истиот табор. И сето тоа бадијала.
На 30 септември странската операција ја фати кијамет и заврши како „фејк“ вијагра купена на Пазар3 или Реклама5.
Почитуваните им великодостојници, кои се изнатропаа зелени и кои секојдневно булазнат за само ним позната и оксиморонска „демократија на сила“, чија формула – кога би ја примениле дома би завршиле на првото политичко буниште, удрија во статива. Прекрасна, освестена и силна брана наречена народ кој не сака некој, па макар биле и Меркел, Меј и Столтенберг, да му чепка по татковината и дедовината.
Ја утнаа, оти го потценија скептицизмот на Македонецот, кој поведен од искуството и историските премрежја, е скроен да не признава авторитети и секојдневно се потсмева и прави „шенгеле“ со своите политичари, „навежбан“ да ги препознава уште од малечки по тоа што нуждата ја вршат седејќи по 2-3 часа на шолјата. Чуден некој народ кој не паѓа во несвест кога ќе го види премиерот им или претседателот…
Арно ама, разбуденоста не ги предомисли македонските импотентни политичари, кои во неможност да го „дигнат“ народот со спуштање на националното и пуштање на лаги, дезинформации и сијасет глупоштини во кампањата, и сега преку баронот Спинхаузен од Муртино, шират лажен победоносен занес.
Народот си кажа, но политички импотентните владејачи и нивните сервилни следбеници не се предадоа. Без срам и перде, откако бидна и денот „Д“, наместо да се скријат и исчезнат во историјата, која толку орно сакаа да ја сменат, сега уште поимпотентно , силно потценувајќи и навредувајќи ја интелигенцијата на сопствениот народ кој и онака за нив е стока, прогласија „победа“ и не престануваат да победуваат.
А, ви текнува ли дека лажниот принц Стефан Чернетиќ, кој ги „насанка “ среде владата на „Илинденска бр.2“, му даде орден на Заев? Но никој не кажа за што беше орденот. Заборавија или не сакаа да соопштат дека со чинот лажниот „принцот“ помпезно го прогласи уште полажниот „премиер“ за Барон Спинхаузен од Муртино?
Пак статива, бадијала и орденот, очебијно заборавија дека спиновите односно извртувањата на вистината одамна не палат во Македонија. Напротив, гасат. И рејтинзи и политички кариери. И референдуми. Башка, повторно избраа лоша тактика. Лагата не може да биде смоквиниот лист кој треба да го скрие срамот на недоветните.
Велат дека врвни светски научници, спонзорирани и по нарачка од „Меџународната“ работеле на енормен ГМО смоквин лист кој требало да го скрие срамот на „ЗА“-евци.
Предизвикот бил огромен. И тие како Заев типувале на Нобелова награда. Но и покрај најновата технологија и невидено „азно“ на располагање, се откажале. Мисијата, едноставно, била невозможна. Биле само научници, не и магионичари.
И така, „Илинденска бр.2“ и покрај сите обиди на Големиот брат во догледно време си останува „Импотентска 369“. Барем до наредните избори…