Побрзајте со пресметувањето! Оти сигурно уште денеска, тие што ја креираат македонската политичка математика ќе кажат: Никој и никаде не спомнал авион. Тој лета само во главите на вмровците
Една равенка со двајца познати: Ако еден блиндиран мерцедес од 600.000 евра чини две години затвор и десет комбиња за брза помош, колку Тамари и колку комбиња чини еден обичен авион од 20.000.000 евра?
Оваа равенка нека пробаат да ја решат: Владата, СЈО, македонските судии, македонските обвинители, а потоа и сите останати шарени револуционери, револуционерки и шарени интелектуални ѕверки.
Тешка е равенкава, ама со лесно не се стигнува до благосостојба каква што имаме денес, по стотици шарени протести, милиони аудио бомби, десетици професорски, студентски, ученички… пленуми. Ако добро се сеќавате, само децата во градинките останаа далекугледи и не подлегнаа на притисоците да кренат пленарно востание против бившиот режим, кој купи скап блиндиран мерцедес за сегашнава демократска власт да се развозува.
Равенкава со двајцата познати, не е обврзно, но препорачливо е да се обиде да ја реши и странскиот фактор и стратешките пријатели на Македонија, кои се борат за просперитетна и демократска Македонија. Со додавка или придавка. Против режим и за живот за сите!
Појаснување не е потребно оти веќе и равенките со многу непознати ни станаа лесни како множење со нула. Сепак, еве малку олеснување: Ако за некој што сакал да се повози во блиндиран мерцедес, независното судство во Македонија му пресуди две години затвор, со проста математика за другиот кој сака да се повози во новиот авион од 20 милиони евра треба да му се пресудат повеќе од 33 години затвор.
Па, сега вие сметајте: демократски, проевропски или како сакате. Можете да ја користите за олеснување и независната и демократка формула за одредување на обвиненија од СЈО, од другите обвинители и од судиите кои носат очила со плус-минус социјалдемократски диоптер.
И уште едно олеснување за тие што сакаат најбрзо да ја решат равенката со двајцата познати и да се кандидираат за Нобелова награда за македонска математика: Побрзајте со пресметувањето!
Оти сигурно уште денеска или најдоцна утре, тие што ја креираат македонската политичка математика ќе кажат: Никој и никаде не кажал дека на владата на Македонија, и на премиерот, мал им е авионот кој го има, и треба да се купи нов и поголем, кој чини околу 20 милиони евра. Уште ќе ве направат несалам. Ќе додадат дека авионот е само во главите на вмровците.
Зашто тоа е нивниот одбрамбен механизам и нивната формула за решавање на равенките. Едноставно ќе лупнат, а потоа ќе најдат уште поедноставно решение: Тоа го има само во главите на вмровците.
Ако не верувате, уште поедноставно тестирајте ги! Еве вака:
Обвинете ги, вие сте вистински водачи, вие имате мозок. И без долго да чекате веднаш ќе го решат и тој проблем. Ќе ви одговорат: Тоа го има само во главите на вмровците!
Димитар Грумар