Дарко Јаневски
Замислете да го прашаат францускиот министер за надворешни работи, Дриан, за Наполеон. И тој да каже: „Не сум историчар. Нема поим што е! Замислете Лавров да го прашаат за Кутузов или за Жуков, Захариева за Левски, грчкиот министер Катругалос за Ботсарис (грчки национален херој од војната за независност во 1822 г.), Србинот Дачиќ за Караѓорге, замислете Британецот Хант да го прашаат за Черчил, чешкиот министер за Јан Палах… И тие да кажат: „Не сме историчари“. Како што кажа саканиот ни Никола Димитров за Гоце Делчев. Оној Димитров со 40 000 долари за ќеркичката му.
Тоа не би било скандал. Не би било ни катастрофа. Не би било шокантно. Не. Тоа би било повеќе од тоа. И од скандал и од катастрофа и од шокантно – заедно. Тоа би било знак дека општеството во таа земја која има таква креатура за министер го достигнало дното. Дека е некаде во онаа дупка од 11 000 метри во Тихиот Океан. Дека тоа опшество е мизерно. Дека нема интелектуала, дека за т.н. интелектуала во таа земја, дури и трговците со човечки органи се милосрдна мајка Тереза, педофилите се грижливи социјални работници за здравиот детски развој, а убијците се борци за заштита на човековиот живот. Тоа би било знак дека тоа општество пропаднало, дека веќе не е дел од човечката цивилизација. Европа? ЕУ? Ха, марш таму во Муртино на нива, но не да копате домати и краставици, зашто и за тоа треба ум, туку да стоите на сонце и да се печете. На она августовско сонце од 45 степени, кое ве гори, ве облева со пот, не ви дава да дишете… И згора на тоа, да имате сламен шешир на главата, искината облека на телото и стап во раката… Да стоите, сонцето да ве пече, пот да ве облева, а да не бидете ништо повеќе од обично плашило за птици. Бидејќи само до тука можете. Дотука ви стигнал развојот.
Нормален разум ова не може да го објасни. Може да се мисли ден-два-три, може да се мисли цела година, ама бадијала. Во тој простор, во просторот „не сум историчар“, нормалниот разум не може да влезе.
Зашто Гоце Делчев не е некој што немал друга работа, па крстосувал по планините и по селата. Гоце е духот на еден народ. Тој е слика за тој народ. Има неколкумина македонски историчари кои мислат дека Гоце е само мит. Дека тој мит не постоел додека бил жив. Далеку е тоа од вистината (доволни се само неколку сегменти од „Писмата и исповедите на еден четник“ од Христо Силјанов за да се разбие тоа), но и да е така, Гоце останува наше огледало. Не на ликот. Тој одамна ни е грд. На нашата душа. И тоа не е само Гоце. Тоа се и Јане и Даме и Карев и Питу… тоа се и Кузман и Страшо Пинџур и Кочо Рацин… Не сум историчар! Ха, не треба ни да бидеш. Доволно е да не бидеш мизерија. Како што не биле и тие луѓе.
Веројатно малкумина знаат дека Питу Гули не загинал таму горе каде што е споменикот на Мечкин Камен. Дека немало битка во која тој и неговите четници се опколени и дека немало почесен плотун на османската војска во чест на храбрите загинати комити. Питу тргнал кон Мечкин Камен (патем, тоа е карпа под која се криеле мечките и е подоле од врвот), застанал кај една чешма крај патот која и денес постои и тука бил погоден. И кога ова сакав да го напишам, имајќи го в раце камениот крст на кој пишуваше „тук загина Питу Гули“, поставен во 1943 г. и кој по шест и нешто децении го извадивме од стрмнината преполна со ѓубре, еден пријател, меѓу две чашки ракија и салата, ми рече: Тоа не менува ништо! Питу е Питу!
Зашто тие луѓе се ликот. На нашата душа. А таа душа може да избира дали ќе биде бедна или ќе се обиде да се сочува. А ако некој шутрак глуми политичар, па демек ќе ја спасува „Северна“ така што ќе молчи за Гоце за да не се скара со овој или оној, ене му го Хаг, белким и таму има некоја река во која може да се фрли.
Истиот тој ни порача и дека сме решиле да не бидеме „робови на историјата“. Што би значело дека Грците и Бугарите се робови. На нивната, а богами и нашата историја. Што е неверојатно. Па ете, се јави синчето чија рака можеби веќе се исушила за да не ослободи од ропството. Кое во Грција, во Бугарија, во Франција… се смета за цивилизациска вредност.
Што мислите, зошто ИСИС во Сирија удри во античките објекти? За да се уништи цивилизацијата на таа земја. За да се уништи способноста да го чуваш своето минато. И не само своето, туку и туѓото. Британскиот музеј во Лондон е преполн со ископини од Египет. Ги чуваат и трошат пари за нив. Попат и заработуваат од посетите, но тоа не им е битно. И кажете им ним да не бидат робови на историјата, која, ете во случајот со египетските артефакти и не е нивна, туку да ја вратат. Не, нема да ве стрелаат, ама долг престој кај психијатар секако ќе ви обезбедат. Кажете им на Французите да не бидат робови на Мона Лиза. Кажете им на Германците да се откажат од Дирер (чиј и сега Дичо Зограф и чии се неговите икони) или Ремарк, како што ние го даваме Прличев. Кажете му на оној Ирецот Фуере кого охриѓани го налеваа со буриња ракија да се откаже од нивниот светец Патрик, како што ние ги дадовме Кирил и Методиј, и Климент и Наум во пакет со нив. На Италијанците да се откажат од… уф, тука би требало да набројувам неколку дена. Кажете им на сите нив да не бидат робови на историјата. За да случајно не се скараат со соседите. И повторно, добивате психијатриски престој. Секако. И секако, влез во нивните учебници со слика за тоа какви децата не смеат да бидат. Ни кога се мали, ни кога ќе пораснат. Еве, гледајте, и учете – еве ова е тоа што не смеете да станете.
Чудно, кога одите на лекар, едно од првите нешта што ве прашуват е за историјата на болести во вашето семејство. Кажете му на лекарот дека вие не сте историчар и не сте роб на историјата, која патем, не се состои само од тоа кој, кога и со кого војувал, и ќе ве избрка од ординација. Ете ви пијавици и црви кај рибарите, па лечете се. Зашто историја се и Аристотел и Платон, историја е и Исус, историја е и Римското царство, историја е и инквизицијата, Колумбо, историја се и Француската и Октомвриската револуција, историја е Хитлер (замислете да го заборавиме) историја се Галилеј и Џордано Бруно, историја се Њутн, Ајнштајн и Тесла, сопружниците Кири, ха, историја е и Флеминг, без кого ќе го немавме пеницилинот, историја се и Моцарт, Бетовен, Чајковски, Штраус, историја се и Виктор Иго, Балзак, Џек Лондон, историја се и Леонардо и Микеланџело и Сезан и Ван Гог. И мислите дека светот и нивните земји би се откажале од нив? Мислите дека има нормален човек, не пак министер, на овој свет кој би кажал дека не е историчар, па да не смее уста да отвори за овие вредности? Мислите дека тие луѓе се како нашите политички и новинарски курвичиња? Зашто знаете, историјата не е комитско одело и пушка со кои треба утре да тргнеме кон Солун. Историјата е цивилизација, дух, вредност. Што повеќе од тоа да каже човек?
Патем, истиот тој шутрак кој не ослободил од ропството на историјата, а историјата ја остава на историчарите, со неговиот супериорно интелигентен шеф, потпишаа договори со кои од историјата направија политика. И има сурија низ Европа како Јоханес Хан која додека им се смее и ги понижува мрморејќи си низ заби колку се глупави, гласно им вели: Браво, блескате!
И овие, толку колку што им дал Господ, а не им дал ич, тоа ни го продаваат овде. Преку нивните кученца. И мислат дека тоа навистина е така. Бог да чува и да брани…
Знаете, секоја книга, во оној момент кога писателот ќе ја заврши, станува историја. Па согласно на тоа, и читањето книги е робување на историјата. Така што, согласно овие умни главички, нема друго чаре освен да ги запалиме. Нема веќе книги. Зошто пак да се мачат децата, а и оние другите кои не се деца, со книги? И потоа да се пофалиме во Брисел. За реформите и за тоа како сме станале Европјани. Кои беа оние генијалци кои лани се сликаа во авионот се кренати палци дека сме добиле датум? Е, тие, тие пак да ги испратиме и да се пофалат. Мислите нема да го направат тоа? Па погледнете им ги досиејата, погледнете им ги фаците, пуштете од нив да чуете по некој збор, ќе сфатите што ви зборувам.
Патем, дали навистина не чув никакви реакции на овие зборови на овој со исушената рака и ќеркичка во Хаг? И, надвор од ова за историјата, дали е вистина дека некои плачеле дека биле откачени за стипендија за истиот тој Хаг каде е ќеркичката на овој со раката? Хе, хе… Проф. Марјановиќ често велеше: Само на еден тип луѓе отпосле им текнува! А ако тоа е така, навистина не знам што ни се криви Бугарија, Грција и Брисел, против кого шарениве и кученцата се расплукаа деновиве. Наместо да си застанат на сонцето во нивата во Муртино.