Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Ленче Ристоска си замина од Обвинителството. Втората од трите „Чарлиеви ангели“ – Катица, Ленче и Фатиме, со тоа што последнава уште е во некаков филм на Би-Би-Си. Тони Михајловски би рекол: „Трагедија у пи*ку материну!“. Што и не е далеку од вистината. Оти како што Катица е Катица, Ленче е Ленче. А трагедијата е всушност комедија у пи*ку материну. На која и фалат третиот и последниот, четврт чин: а тие треба да се состојат од тоа што од таму треба да бидат избркани сите до еден од СЈО. И да бидат гонети. Да не повторувам за што.

Но, најклучно е што не можат во редовното ЈО да бидат вклучени тие кои прифатиле да бидат дел од едно неуставно, компромитирано, политичко тело чија задача беше не да се гонат криминалците, не дека ги немаше – ги имаше на ангро, туку да се уценува, да се притиска, да се изнудува, се со цел да се дојде до 80 гласа во Собранието за смена на името. Колку уцени имало? За тоа се одговара? Колку изнуди имало? За тоа се одговара? Колку договори имало за ставање на криминал во фиока доколку се биде кооперативен? За тоа се одговара? Е, тие два чина допрва треба да ги гледаме.
Оти за тие политички пиони на кои Заев и Шеќеринска им делеле снимки, им делеле предмети и им одредувале кој да биде гонет, овој беден народ одвојувал и се уште одвојува од устата на своите деца и внуци за тие да ја изигруваат Марија Антоанета. На која и ја отсекле главата. Буквално. Ја ставиле на гилотина, ја повлекле рачката, сечилото се спуштило и главата на „јадете колачи, ако немате за леб“ се стркалала во кошница.

Савески и Советот на јавни обвинители немаат потреба, ниту можат, ниту пак сакаат како луѓе, никому да му сечат глава во буквална смисла (а и ние, се разбира, сега сме 21 век). Но, доволно е тоа да им го направат симболично. А вистински – со исфрлање од таму каде сега се легнати повторно на наша сметка. Зашто, нивните деца и тие самите, ние и натаму ги храниме со авокадо, додека нашите деца, децата на овој измачен народ јадат маргарин од 25 денари, а тие во градинките како овошје добиваат 14 пати прскан „ајдарет“. И добиваат корфнлекс од кој на Кенеди јуниор би му се кренала косата на главата. Зашто ние сме сиромашни, нели? Се немало пари. А за нив има. Зар не?

Но, не се само тие виновни. Виновни сме и ние. Впрочем, што да се очекува од нас, од општество на луѓе чие ниво е дека некакви си звезди се оние од К-15 и дека врвен дострел е некаква си Златна бубамара. Па некои уште одат таму и, прости ми Боже на изразот, се клештат. Со новите коронки од по 200 евра. Вклучувајќи ги тука и некои министри. Кои би требало да бидат кремот на ова општество. Ама пак, кога кремот беше Зоран Заев, кога кремот беа Чарлиевите ангели, тогаш зошто не и овие министри? И зошто не и К-15 и Бубамара? По ѓаволите, но секој го добива тоа што го бара. А, нам, очигледно до тука ни достига.

А кога веќе ги споменав тие од К-15, нека си тераат работа, со среќа нека им е, ама за нив снимиле и документарен филм. Што значи, да, навистина до тука ни е. Зашто нема да видиме, се разбира, документарен филм за онколозите, за кардиолозите, за оние на радиологија кои не можат да стигнат читање на снимките зашто едноставно има премногу болни, а премалку доктори, за оние од ревматологија кои се мачат со епидемијата на автоимуните болести кои буквално го разјадуваат телото на човека. Го јадат секој ден по малку, клетка по клетка, додека не дојде крајот на нормалниот живот.

Полека, но сигурно. Секунда по секунда, минута по минута, час по час. Документарен филм нема, зашто не би бил интересен. Зашто онколозите и другите не пеат „Ногу љубам да веслам и да цицам, з’ш не цицаш и ти“ и не пеат дека „градинарот цвеќето го расте“. Не, тие се обидуваат да ве спасат.

Дури и нашето „славно новинарство“ кое знае се’, од Иран до Америка, од Табановце до Богородица, од пластичните шишиња во Вардар до Путин и Кси, Трамп и Меланија, Макрон и неговата сопруга, не знае, на пример, за тоа како изгледаат шестте или осумте часови во амбуланта на некоја од нашата клиники. Во чекалната, но и внатре, во самата амбуланта каде што седи лекарот.

Кај нас нема нема документарен филм ни за оние кои секој ден ни ги чистат градовите. Како работат тие луѓе? Како живеат? Што значи тоа шест или колку веќе часови работат – да празниш туѓо ѓубре од канти. Тоа за нас не е популарно. За нас е популарен градинарот или некои си глупави досетки кои наводно се смешни на настан на кој се оди за да се прикаже брендираната облека и веќе споменатите бели вештачки заби.

Тоа е всушност сликата за нас. Да е жив, Бројгел постариот верно би не насликал. Само така, како што знае. И би ни ја подарил сликата. Да ја закачиме горе, на врвот од споменикот на Александар. Откако претходно ќе ја репродуцираме во толку примероци колку што домови во Македонија има. За секој дом, по еден Бројгел.

Инаку, вчера или завчера, кога веќе беше, Клековски рече дека Законот против пушењето ќе биде најригорозен досега. И нека биде. Знам, свесен сум дека тој закон има многу противници, но тоа треба да се издржи. Владата тој негативен ефект треба да го прими на себе. Да, најлесно е всушност да не се презема ништо. Тогаш е во ред. Но, знаете како е – како и за “Безбеден град“ на Тошковски. Отпрвин, сите нешто „мрчеа“. Па каде сега 50 км на час, па целта им е да ни ги соберат парите, па гужви, па не знам што. Како минуваше времето, така луѓето се навикнуваа. Тие другите, допрва ќе се навикнуваат, но на крај и тие ќе се научат. А ефектите веќе се видливи.
Така ќе биде и со Законот за пушење. Ќе се бунат едни, ќе се бунат други, но полека работите ќе легнат. И следната реченица за овие редови ќе почека, зашто ќе одам на тераса да запалам една, (само будала прво прска „фостер“, па оди да испуши една, ама будалите никогаш не ни недостасувале), но како и да е, ќе се навикнеме.

Проблем е што кај пушењето ефектите нема да бидат така брзи како кај „Безбеден град“. Ќе треба да поминат години, но подобро сега да почнеме, отколку за 10 години. Или за 20. Во поглед на пушењето, ние сме народ кој во Европа би требало да биде ставен на столбот на срамот. Сеедно што сме земја на тутунот.

И со ова да завршам за денеска. Времето се смени, убаво е како за Цветници, ама за метеоропатите тоа значи стегање во градите, реума од врвот на последното преостаното влакно на косата до петиците и време за уште една доза апчиња, за уште едно кафе и за уште една цигара. А можеби и за некои суви ефтини колачи од Тинекс. Само да видам дали има од тие на акција. Зашто кога сте во депресија после тоа со Чарлиевите ангели, организмот бара благо. Што не е здраво за крвните садови, па ги молам Кедев и Колев да не ги читаат овие мои редови за да не ме караат, но тоа е тоа.

И да видам попат која е цената на доматите. На тие од Албанија и на тие од Турција. Дали од 250 денари паднале на 240. И да ги погледам и погалам малку.