Дарко ЈАНЕВСКИ

Ако нешто, барем според мене, остави впечаток во изминатите денови е решеноста на Владата да го истера до крај Законот за ограничување на пушењето, иако ќе видиме какви компромиси се направени во врска со Законот кој беше најавен уште за март. Но, барем од некаде и некогаш да се почне, па ако треба потоа нека се заоструваат мерките.

А кога е пушењето во прашање, во оваа прилика само ќе го цитирам или послободно речено ќе парафразирам американскиот научник, врвниот биолог Томас Сејфрид (неодамна МИА ексклузивно успеа да го интервјуира), кој 30 години го проучува канцерот кај луѓето и кој смета дека проблемот е во митохондриите, а не во гените и дека проблемот се решава со пресекување на горивото на канцер клетките – гликозата и глутаминот (првото е донекаде едноставно решливо, второто е веќе проблем зашто го има во буквално секој залак од било која храна што ја внесуваме).

Патем, Сејфрид тврди дека се што е направено во САД во последните 30 години на полето на борба против канцерот, главно е сторено не со силните милијарди долари потрошени за вакви или такви истражувања и лекови, иако ги има, туку со намалување на стапката на пушачите на 20 отсто. Ништо повеќе, ништо помалку.

Тука некаде е и најавата на министерот за здравство дека преку матичните лекари ќе се препишуваат никотински лепенки и гуми за џвакање, што кај еден дел од популацијата може да помогне. Колку тоа ќе чини не знам, дали оваа држава тоа ќе може да го издржи, дали ќе може да ја издржи целата финансиска конструкција – не знам, но веројатно ќе има некои лимити. Сепак, ова е извонреден чекор. Но, треба да се има на ум, а тоа искуството го покажува – никакви лепенки, гуми за џвакање и сл. нема да завршат работа, тие можат само да помогнат, ако вие самите, при првата нервоза повторно се фатите за цигарата, па макар имале две гуми во устата и две лепенки на рамото. Плус една на челото – онаа што доаѓа гратис на две плус една. Колку да се правите фраер.

Деновиве разговарав со еден врвен лекар во нашата земја, специјалист во својата област со над 35 години искуство и илјадници и илјадници пациенти зад себе, извонреден и како човек, кој ги оставил цигарите на 60 години. Па ако можел тој, може секој.

Тоа што јас го знам е дека се е во мозокот и во душата. Проблем е што мозокот може да се дефинира, па и можете да му барате некое чаре, а душата, која станала позависна од мозокот и која при првиот стрес ќе ви побара цигара – не може да ви ја долови никој. Ниту науката, ниту пак религијата, која вели дека кога ќе умрете, таа ќе во оди во рајот. Таму каде што според Евангелието по Петар (автор не е Петар, но не е битно за овие редови), Исус го фатил за рака, го однел и го прошетал апостолот, пред да го однесе да го види и пеколот. Па во рајот се било фино, весело, забавно, убаво, сите биле среќни, а во пеколот, сосема поинаку, иако мошне сликовито прикажано, но, како е таму според ова непризнато Евангелие – друг пат.
Муабетот беше за пушењето, за душата и мозокот. Значи, земете лепенки или гуми за џвакање, но само ако мозокот може да ви ја дисциплинира душата. Ако не, бадијата и вие и државата ќе трошите пари.

Инаку, тоа во што можам да ве уверам е дека кај нас, најмногу пушачи, најголема концентрација на пушачи на квадратен метар има пред скопските клиники за онкологија, кардиологија и пулмологија. Пред овие клиники, треба да се вработат посебни дежурни лица за постојано да ги празнат преполните надворешни пепелници.

Патем, да се вратам на оној лекар од погоре кого го споменав, а кој во муабетот ми спомена дека има случаи кога пациенти му велат дека ако им ја наплати партиципацијата која службата мора да ја наплати, не ќе имаат со што да се вратат дома, зашто ќе немаат за билет за автобус (другата варијанта е лекарот да плаќа самиот за секој пациент или да го прегледува на диво, но во тој случај не може да му напише извештај, да му препише лекарства и сл). Значи, пациентот, ако го плати тој минимум од партиципација – 100-тина денари ако не се лажам или можеби и помалку, нема да има пари за автобус.

И во ваква ситуација, читам Министерството за култура одобрило пари за некој си пеач, па се правда дека парите биле од Министерството за здравство или не знам од каде. Документарен филм кој, кога кога ќе прочепкате малку ќе видите дека веројатно е некаква тезга завиткана во обландата на здравствени пречки што пеачот ги имал, а сепак успеал и тоа е тоа на што треба да „паднеме“. Демек, ако си против, ти си против луѓето што имаат пречки. А да, тоа е пеач, кој немал пречки кога пеел за „Северна“, зашто момчето пеело супер, ама имало пречки кога зборувало и за тоа треба да дадеме пари за да се сними филм.

Во ред, ама пак си велам, а какви пречки има оној што не може да плати 100-тина денари партиципација кај лекарот за кој ви пишував погоре, а за кого нема филм, какви пречки имат оние кои се тешко болни и кои даваат по неколку стотини евра месечно за лекови кои оваа држава не им ги обезедува, а без кои наместо уште шест месеци или една година, ќе живеат многу, многу помалку. Можете ли да замислите некој социјален случај, кој ги чека тие пари? И кој ги нема и кој поради тоа ќе умре. Како што нема пари и за оној со партиципацијата и за социјалецот. Е, ама има за овој, до кого сега и не ни дошло баш, нели? Да, треба да има пари за култура, за опера и за балет, за театар, за книги, треба, ама треба и да се има мерка. Инаку, се заебаваме, нели?

И не знам како биле одобрени тие пари. Сеедно ми е. Знам само дека на еден или друг начин се од народот, а во меѓувреме, илјадници други кои „умираа“ за оваа држава – која за едни е „проклетија“ – земја од пеколните сцени низ која Исус го прошетал Петар „Карпата“ – умираа за таа да не биде Северна, немаат документарен филм. А, некои од нив навистина отидоа во меѓувреме кај Петар, други останаа тука, на земјата, ама добија листа на болести долга како „Војна и мир“, на трети уште отсега им се гледа дека им е скратен и уништен животот и не само нивниот, туку и на нивните деца кои ќе носат трауми од апсењата во пет наутро за да се спроведе таа „шарена“ и таа Северна, живот уништен од седумгодишното ашикување на бандата на Заев и од предавниците кои станаа луѓе во време на Груевски, а потоа ја предадоа државата мафтајќи ни од своите џипови и луксузни вили.

И за тоа, тие кои пееја за тоа, има филм зашто имале некакви пречки. Добро, сочувствувам, ама што правиме со пречките на овие другиве? Кои настрадаа од тие што шетаа со маици на Катица, Фатиме и Ленче по улиците. Знам дека на сите до еден им е помагано, знам и како, знам дека некои даваа и од свој џеб за да им се помогне, ама сепак… тоа не значи дека „шарените“ сега треба да станат наша љубов. Вечна љубов, љубов како онаа на скитникот Чарли Чаплин од „Светлините на градот“ кон слепата цвеќарка, за која треба да умираме. Да, ако некој има потреба, ќе му помогнете и ќе помогнеме како и на секој граѓанин на оваа држава, ама љубов? Што би рекол познатиот скопјанец Шоте, да живеат Џема Џејмисон и Трејси Лордс, тоа е во ред, терајте, ама до тука нека е границата.

А кога се тие седум години во прашање и кога се во прашање оние вмровци од пред тие седум години, а кои гласаа ЗА затоа што беа лопови, па се спасуваа од затвор, повторно и повторно и повторно на памет ми доаѓа мојот омилен американски сенатор Цон Кенеди, кој за ерата на бившиот претседател на САД, Џо Бајден и чесноста на таа админситрација вели: „Да ги поставевме и во Сахара, ќе ја оставеа пустината без песок“.

И овие од нашата Сахара го украдоа песокот. А ние си го сакаме назад. Зашто за да се биде во „љубов“ со „шарените“, кои јавно се самозадоволуваа на криминалот на Заев со снимките, сега се зема од песокот за кој ние сме добиле листа како „Војна и мир“ (ете се повторувам) и од тој песок што ние сме го довлекле палиме свеќи за тие кои беа малтретирани во времето на Сахара. Деградирани, понижувани… за сега, тие кои деградираа и понижуваа, повторно да бидат на пиедестал? А, знам луѓе што и сега умираат за Македонија за 30 000 денари и не може да им се зголеми ни банка повеќе зашто… впрочем не знам зошто. Ама не можело.

Но, доволно за овие теми. За крај на овие редови, да свртам малку на „патетика“ што би рекла една моја пријателка, нешто сосема надвор од тоа што погоре го напишав – цитат од белградскиот пулмолог, д-р Бранимир Несторовиќ, кој се „прослави“ кога на почетокот од пандемијата со вештачкиот КОВИД и додадениот токсичен и онконоген „спајк протеин“, за кого сега и самите Американци признаваат дека создава т.н. турбо канцери, во присуство на српскиот претседател Вучиќ, таму некаде во февруари 2020 г., рече дека жените слободно можат да ги земат картичките од своите сопрузи и да одат на шопинг во Милано, зашто опасност нема. Подоцна се покажа нешто сосема друго, а тоа, впрочем, д-р Роберт Малоун и д-р Брет Вејнштајн го кажаа уште во јуни 2021 г. А многу пред тоа, истиот тој Малоун, на тогашен твитер, додека не го исфрлија оттаму, се прашуваше што барал врвниот вирусолог Мајкл Калахан, офицер на ЦИА, во Вухан во октомври, ноември и декември 2019 година и како тоа уште на 4 јануари 2020 г., му пишал: „Роберт имаме вирус“.

Но, ете, Несторовиќ тогаш не можеше да го знае тоа, зашто, навистина, обичниот вирус, оној природниот и не е толку опасен и тој се поведуваше по тоа, па кажа што кажа.

Како и да е, КОВИДОТ сега е заборавен, а овие сегашни зборови на Несторовиќ, подолу цитирани се искажани пред извесно време од него во едно интервју. И немаат врска ниту со пулмологијата, ниту со КОВИД, ниту со нешто друго стриктно врзано со областа на медицината, туку имаат врска со животното искуство, со мудроста, со здравиот разум и здравата душа, која, како што реков, никој жив на светот, а најмалку религијата, можат да ви ја објаснат, ниту да ја дефинираат. Но, сепак се зборови што мислам дека вреди да се пренесат.

А, тој, кога е во прашање среќата, смислата на животот, неговата суштина, тогаш, кога човек ќе се соочи со неволјите, со разочарувањата и со луѓето околу него, со тие кои се тука кога е лошо, кога е многу лошо од сите страни, макар молчеле, но се тука, и ќе се соочи со тие кои не се тука и кои во неволја бегаат од тебе, со трката по пари (Несторовиќ, сепак, во едно друго постаро интервју, не бега од тоа дека сиромаштијата е болест, да нема забуни околу тоа), со трката за кариера и сл., на крајта од се, кога постигнал се што може еден врвен специјалист да постигне, сепак заклучува:
„Јас мислам дека за среќен живот не треба многу, знаеш. Треба здравје, затоа што ако немаш здравје, тогаш немаш ништо. И второ, треба да имаш луѓе околу себе со кои ти е убаво.

Верувај ми. Доволно сум остарен (Србите имаат еден убав збор за остарен – „матор“, м.з.) за да го знам тоа. Сум бил на некои прекрасни места. Тука и во светот. Но, кога си со погрешна личност и најубавото место на светот ти е обична будалаштина.
А, кога си со некој кого го сакаш, доволно е да се држите за раце за да ти биде убаво и да ви биде убаво. И звучи како демагогија. Но, не е така. Само што тоа го сфаќаш подоцна.
Тогаш сфаќаш колку е важно кој седи покрај тебе, кој те допира и те прашува како си. Кој ќе те фати за рака, ќе ти помогне, ќе се грижи за тебе. Тогаш навистина го разбираш животот.“