Дарко ЈАНЕВСКИ
Пред некој ден, Фатмир Битиќи изјави дека додека цените на храната во светот вртоглаво растат, во Македонија се намалиле за 4 отсто. Што е добра вест. Радосна и весела. Цели четири отсто. Кај е светот кој пропаѓа, а видете кај сме ние! Но, од друга страна, нормално, каде што има добра вест, има и лоша, а таа е дека претходно цените на храната се зголемија за 50 отсто. Значи прво одат нагоре за 50 отсто, а потоа надоле за „фантастични“ четири отсто.
Арно ама, итрецот Битиќи ја прескокнува лошата вест, а ја кажува „многу добрата“ и тоа треба да ве увери во каква благословена држава и со каква благословена власт живееме. Зашто, во Норвешка храната поскапела за цели 8 отсто, наспроти нашите 50 отсто. Па, на пример, пилешкото месо кое беше 190 денари, сега е 270 денари, заедно со четирите отсто поефтинување. Свинското кое беше 270 денари, сега е 420 денари. Цените на јунешкото и телешкото месо подобро и да не ги гледате. Зашто тоа е навистина со норвешки цени. Кашкавал-ајдамер, кој беше достапен за 320 денари, поскапе на близу 600 денари, за сега да поефтини на 520 денари. Мешаното сирење од околу 300 денари се искачи на 420 денари, за сега да има гарантирана цена од 390 денари. Ете ги четирите отсто на Битиќи кои ги немаат кутрите Норвежани и кои веројатно гладуваат завидувајќи ни на полните стомаци.
Но, не е се во храната, нели? Има и нешто што се нарекува хигиена, не многу битна работа за оваа власт, но сепак … Па, така, дезодоранси кои чинеа по околу 160 денари, сега се близу 300 денари. Креми за бричење, бричеви, балсами за после бричење, хартиени салвети кои биле 37 денари, а сега се 65, сапуни, шампони кои од 70 денари станале 120 денари (за поскапите не ни зборуваме), прашоци за перење облека…, можеме вака да одиме до недоглед. А, четирите отсто на Битиќи ќе ги најдете само кај макароните и шпагетите, кои по вкус, веројатно ги прават од некаква рециклирана пластика.
Но, гледајте од светлата страна на животот. Не ги читајте ваквите редови, а верувајте во благосостојбата што ни ја презентира друштвото на Ковачевски. Во суштина, Македонија – земјата на храната со 260 сончеви денови годишно ги живее своите апокалиптични моменти кога јадењето, хигиената и лековите стана луксуз што можат да си го дозволат само одбраните мешетари. Останатите можат да се задоволат само со бедотијата и мизеријата во која живеат, во живиот песок во кој се повеќе тонат, а кој според Битиќи е вселенски успех од четири отсто. Посебно сега во зимата кога греењето за 90 отсто од граѓаните на РМ кои немаат парно греење, исто така е луксуз. Изборот е да живеете во студени домови и да се разболите, па парите ќе ви ги земат фармацевтските компании или да се стоплите во една соба давајќи ги последните денари за затоплување.
Не дека тоа ќе значи многу, ама барем да не се таквите изјави на Битиќи кои ја потценуваат интелигенцијата на народот. Едноставно несфатливо е дека владин функционер може да си дозволи да даде таква изјава, посебно не во денешно време кога преку интернет можете да ги споредите цените од било кој европски маркет, макар тој бил и во Норвешка каде цените се навистина високи, со нашите. Се разбира, ако ги гледате само цените, ќе најдете земја со која кога ќе се споредиме, ќе видиме дека кај нас и не е се така црно. Навистина, тешко е да најдете европски маркет во кој пластичните шпагети чинат 40 денари, но од друга страна, тука секогаш проблем прави висината на платите и прашањето што можете да купите со вашата, а што со норвешката плата (кога веќе ја зедовме за пример оваа скандинавска земја). Тогаш, розевите македонски очила нагло доживуваат замрачување и стануваат толку црни што низ нив навистина тешко се гледа.
Во секој случај, со оваа Влада не се живее тешко, туку речиси невозможно. Некој институт презентираше податоци дека оваа година (или беше лани, простете) само во Германија заминале 50 000 Македонци. Само во Германија, без другите западноевропски земји како Холандија, Данска, Шведска, Велика Британија… Луѓето едноставно се пакуваат и си одат. Меѓу опцијата да бидат живи мртовци во оваа земја на беда, мизерија, сиромаштија и тотален, ама апсолутно тотален правен хаос и безредие, каде корупцијата е алфа и омега на живеачката и опцијата за каков–таков живот во некоја побогата западноевропска држава – нормално, го избираат второто. Ако не заради себе, тогаш заради децата. Зошто да ги остават овде?
Некое друштво на лекари вчера-завчера објави дека во последните десет години, земјата, која за Заев е најдобра во регионот, ја напуштиле 2 000 лекари. Тоа не е најсиромашниот слој жители на во оваа мизерија од творба, напротив, тоа се луѓе кои како-така можат да имаат некаков пристоен живот во споредба со „минималците“ и пензионерите со 12 000 пензија. Но, одбрале да заминат, зашто овде веќе не се живее, не се ни преживува, овде се умира. Овде живите им завидуваат на мртвите. Овде, да бидеш жив значи да умираш на рати, барем додека не ги исплатиш долговите кон банките. Да умираш бавно, полека, во беда и сиромаштија, гледајќи и слушајќи ги добрите вести на Битиќи за кои не си свесен. Всушност, вечниот живот кој во царството небесно го проповеда апостолот Павле, за многумина кои не можат да заминат во странство е единствен спас од ова мафијашко гнездо кое се уште се нарекува држава.
Ах, да, како беше она – името сега нека ви плаќа сметките. Е, да! Оти оваа „Севернава“ не се покажа нешто посебно!