Дарко ЈАНЕВСКИ

Ете, комуњарите ги впрегнале и нивните „тешкаши“ во одбрана на Тамарче. Оти победила на Евровизија. Или била барем тука некаде. До победата и по неа. Им ги впрегнале магарешките узди, стапот дури не им го ни удриле, само им го покажале, и тие си знаат каде треба да одат. Ни лево ни десно, само право.

Па така, повеќето од тие другите, остај што се „небањати“, дознаа и дека биле полни со омраза. Оти не можеле да го поднесат тој величествен успех на Тамарче. И завидувале. Зашто немаат високо школо како нив, па умот нивен простачки да ја прими таа величина. Прости се.

Е, да, и не биле министри како Унковски во една од најкриминалните влади на Македонија. Кога десетици луѓе се самоубиваа. Кога денешниве угледни и чесни олигарси им ја соголеа кожата на луѓето. Кога од цицка на мајка деца крадеа. Кога Бузле вештакот ни денешен со прсте во гипс шеташе како да е Питу Гули, ама откако го преживеал Мечкин Камен. Кога на одбраните „бардови“ од новинарскиот шљам им делеа акцијчиња од соголените, додека ред се редеа во МВР за да си ги земат текстовите. Да им се најдат, да не се злопатат луѓето. Кога УДБА секое сабајле прво го отвораше тефтерот и правеше план која курва каде ќе ја распореди денес.

И така, тоа се денес господата кои до вчера колнеа што не се родени „у Бегишу, јебо те, зар не знаш“, а денес сакаат да ни се продадат како родени на виенскиот двор. Со бугарско потекло. Од лозата на Фердинанд. И на чело со Трифун Егеецот. И пеачот. Тие, кои во нивниот „стокец“ ставаа уште тројца за кога ќе им угаси, да има кој да бутка. Денес со бесни џипови, распослани лижачи на плунки, кои во Веро-Тафталиџе одат да пазарат со црвени штикли зашто им е страв да не ги види во тренерки некој странец, па да им се заебе некој проект, бараат да им се признае со тапија дека играле валцер уште во време кога „нивните“ Љупчо и Снешка како деца се бркале по нивите околу Делчево. Истиот тој Љупчо на чија криминална банда никогаш не можат да и простат што и таква каква што беше, го изгради Плаошник, го наполни со вода Дојранско Езеро, што ги среди односите со Албанците уште во првата година од мандатот, што нивната маркист-ленинист Доста стана ортак со Сорос…, што дури и тоа ВМРО покажа дека има три грама ботокс, ох се извинувам, три грама мозок повеќе од нивната „калаштура-политика“ на народна сметка.

Е, денес, им сметала химната. Па што не бевте мажи да му кажете на времето нa Киро, адвокатот од бугарско, да ја смени. И химната и името. Да ги исфрли Гоце и другите. Да ја направи Македонија „северна“. Да им каже на Бугарите дека Гоце е нивен. Да им каже на Грците дека Македонија е нивна. Молчевте, пиленца жолти ем напатени, оти не знаевте од каде дува ветрот кога Киро им го оставаше Александар на Грците, а Циле пишуваше и печатеше енциклопедии за деца за него, додека уште беше специјален пратеник на вашиот „Лисец“. Ве збунуваше тоа, нели, впрегнати?

И затоа не само што молчевте, туку ќе стоевте мирно ко измокрени дечиња кои наставничката не ги пуштила на време до тоалет, не пред Катарџиев, пред Блаже Ристевски, ха пред Блаже, ни пред негова Лиле не ќе стоевте, туку пред портирот од нивните канцеларии и ќе се поганавте. Ќе му ја бакнувавте раката на Бранко ако ви ја дадеше и ќе викавте: „Извини, папа, згрешивме. Биди голем, биди Бог, ако сме комунисти, па прости ни!“

Или, што не бекнавте кога Киро ја издаде „Македонија е се што имаме“? Не, вие фини душички одгледани во подрумите во кои има и справи за растегнување, не, тогаш ќе приумревте од среќа ако случајно ви дозволеа да бидете Венко Чифлиганец. Ја тетовиравте Македонија на чело. Гоце ви беше прво социјалист, тоа ви беше најважно, ама после и идеолог. Додуше, кој знае дали воопшто знаевте нешто за него, ама уште не бевте на сигурно да не се јави некој Лазо, па ако гукнете нешто, да не ви врзе по некој шамар. Оти и вие меѓу себе не знаевте кој од вас прво ќе отрча да искодоши што се зборува.

И вие бевте патриоти и тогаш, патриоти сте и денес, а оние другите беа квазипатриоти и тогаш, квазипатриоти се и денес. Јебо те, вие преплатени сте биле на патриотизмот! Како кралевите на круната. Вие уште сте во филмот кога бевте на Водно и кога ни сметка за струја не смееја да ви донесат, а ова како да е уште 1945, племе едно. Нели? Вие фини душички, а тие, квазите, полни со омраза. Брееј.

А не само што стоевте мирно пред Киро и Бранко, стоевте мирно и пред Грујо кога Буш го креваше на раменици, кога Британците му ја плаќаа Моника Маковеј (додуше мрчевте за тоа да донесе Италијанец, атни-мафијаш за обвинител, тоа посебно не ви се допаѓаше) додека не ви го рекоа спротивното.

Но затоа сега Заев ви е гуру. Премиер, историчар, Христо Андонов-Полјански и Иван Катарџиев заедно, претседател на МАНУ, Таки Фити, Владо Камбовски и Катица Ќулафкова – три во едно, нобеловец, миротворец, со жица македонска на која го суши испраното кафено од свилените гаќички купени во бутик во Муртино. Би си ги ставиле вие тие гаќички и на глава и би шетале со нив пред Грујовиот Александар на плоштад за да бидете први што ќе се сликаат со плочката на која пишува дека тој е Грк, ама не знаете како да дојдете до нив.

Зашто знаете, можеби се повторувам по ѓаволите, ама не вреди да се мачи човек и да му ја мисли повеќе, за вас тој Заев дури е и величина, а Катица ви е Хемингвеј залутан во обвинителство, всушност Хемингвеј кој е пратен од Бога како месија да не исчисти од криминалот на Перо браварот, додека милиони се вртат наоколу, а во меѓувреме да го стави на пауза пишувањето. Истата таа Катица која оние шутраци од скопскиот Правен, кои си фрлија професијата во корпа за тоалетна хартија (ох, пак се извинувам, тие користат влажни марамичиња со камилица) ја учат напамет.

Е, вам убавини патриотски, вам, интелектуални големини кои Бог ве направил осмиот ден кога пивнал некоја, вам намирисани мозочиња кои порано ја мрзевте Бугарија оти така ви рекоа, не дека знаевте зошто, а денес ја величате и пак не знаете зошто, кои Грците ги сметавте за племе геноцидно додека вашиот нов „ајатолах“ не ви климна со главата поинаку, вам убавини патриотски наспроти грдите квазипатриоти, вам, Американците, патриоти за почит, би ви рекле: „Bite me!“