Јован ДОНЕВ

Деновиве г. Заев бомбастично изјави дека „се справивме со антиквизацијата…“. Кажа и како многу пати, до сега, остана жив.  Всушност тој воопшто не е важен во целава приказна. Важни се заевистите. Групата на предводници на шарените кои со двете раце го прифатија подметнатиот  термин ,,антиквизација“ и жестоко се бореа против т.н. политика на антиквизација, која наводно ја спроведуваше тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.  Уште повеќе јавно обвинуваа дека заради таквата политика Грција ги блокирала евро-атланските интеграции на Македонија.

Со ваквите свои изјави тие само покажаа и докажаа дека ниту ја знаат својата историја, својата етногенеза, а уште помалку грчката надворешна политика кон Македонија, од 1945 година наваму.

Занесени во желбата да ги одбранат своите, според нивно тврдење, словенски корени, тие несвесно влегоа во водите на расизмот. Демек тие биле Словени и не прифаќаат директно поврзување со античките Македонци. Некритички ја реафирмираа тезата на југословенскиот комунистички режим, која беше во функција на градење на заедничка јужнословенска нација. Македонците кои денес живеат во Република Македонија се наследници на Словени, Армани, Римјани, Келти, Срби, Грци, Албанци, Бугари, Ерменци, Унгари, Турци и да не набројувам. За време на владеењето на Римската империја до 14 век, географска Mакедонија била ,,terra barbaricus“.

Од гео-стратешки причини ниту еден римски император не дозволувал на територијата на Македонија да се формира значајна компактна етничка група. За време на Отоманската империја, оваа политика е напуштена, но доселување на различни етнички и верски групи продолжува. Оттука словенизацијата и културната нивелација на поголемиот дел од населението настанува преку црквата. Со тоа е направен првиот чекор кон хомогенизација на населението, кое под влијание на географските, културолошките и историските специфики на регионот Македонија, постепено ја формира македонската етничка група.

Нациите се создаваат врз основа на митови. Античка Македонија и Александар Велики беа митот со кој водството го организираше Кресенското востание. Митот за античка Македонија и Александар Велики беше во основата на македонскиот национален романтизам во деветнаесетиот век.  Исто како што митот за Илинденското востание македонските комунисти го искористија во борбата за Македонија за време на Втората светска војна.

Уште повеќе, приказната за Александар Велики е силно присутна и во македонскиот фолкор. Во спротивно тој мит немаше да преживее низ вековите и различните режими вклучувајќи го и комунистичкиот. Фактот дека  не постои македонско револуционерно или просветно движење кое се бори за јужно-словенска држава, освен комунистичкото, но и тоа во 1943 попушти и мораше да се повика на илинденските традиции, е јасен показател за силината на присутвото на митот на  античката македонска држава во нашата историја и традиција.

За да нема недоразбирања, веднаш ќе подвлечам дека едно се историски факти, а друго се митови. Тие можат да се базираат на историски факти, но и не мораат. Некои од нив се добредојдени за потребите на одредено време и одредена општествена елита, а некои не. Митот за словенското потекло на античките Македонци, силно присутен во македонските легенди од деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век, својата видеоизменета реафирмација ја доживуваше изминативе десетина петнаесет години. Сосема разбирливо  и сосема во согласност со природата на човековото битие. Општествено некорисно, но мобилизирачки. Му се допаднално тоа некому или не, македонските спортски фаланги станаа препознатлив бренд. Исто како што Сонцето од Вергина воскресна и стана бренд. Забранувано и игнорирано од страна на комунистичкиот режим, во Македонија, тоа опстојуваше меѓу емиграцијата, најмногу во Австралија. Чекаше и го дочека моментот на почетокот на девеесетите да се врати во Македонија и веднаш да биде прифатено од големиот дел на Македонците.  Единствено наследниците на Комунистичката партија не го прифатија. За нив тоа беше грчко знаме. Исто како што античката македонска држава е грчка.

Борбата на заевистите против т.н. антиквизација, всушност беше и е борба на левите, анационални сили, против историската вистина, а во функција на опстојување на лажните и денес веќе сосема непотребни митови за македонските Словени. Македонски Словени никогаш не постоеле. Постоеле различни словенски племиња кои постепено со тиха миграција го населувале просторот на Македонија и се мешале со локалното население. Тоа мешање, посебно во регионот западно од Солун, многу покасно, го генерира и митот за Александар Велики и античките Македонци. При ова, за воља на вистината, најголема заслуга во трансферот на овој мит од локалното население врз словенските и останатите доселеници го имаат Армано-Македонците. Тој мит тие и ден денес го чуваат и негуваат.

Владата на г. Груевски не изврши никаква антиквизација. Таа само дозволи митот за античките Македонци да биде видлив на јавната сцена. Тоа не беше грешка. Грешка беше што претходно не побара  македонската историографија да  го подготви овој влез, кој беше неизбежен. Да одговори на потребите на времето, да изврши деидеологизација на историографијата, а во функција на градење на современ мит, кој во комбинација со нов современ мит за Илинденското востание, требеше  да ја дозаокружи нацијата и да ја поведе напред.

Заевистите пак, од своја страна, водени од своите про-јужнословенски убедувања ја направија најголемата грешка што можеше да се направи. За антиквизацијата одбраа погрешна мета.  Антиквизацијата, таква кава што тие ја разбираат не ја изврши Груевски. Тоа многу порано ја изврши великанот на македонското национал-романтичарско движење Ѓорѓија Пулевски.   Заев и неговите поддржувачи можат да се фалат дека се справиле со антиквизацијата. Но тоа е само нивна пуста желба. Ѓорѓија Пулевски, неговот дело,  и неговите следбеници не можат да ги елиминираат и да им ги предадат на Бугарите. Тие од македонизмот се плашеа и во деветнаесетиот век и гледаа да го уништат, а не пак денес да го присвојат. Грците тоа одамна го сфатија па затоа при крајот на деветнаесетиот век ја лансираа тезата дека ако си Македонец, ти си Грк. Но и на нив тоа не им помина.

Комунистите исто така не ја сакаа македонската античка митологија. Молкум ја забрануваа, надевајќи се дека ќе биде заборавена. Но тоа не се случи. Прекратно траеше нивниот режим.

Траумите кои денес ги наметнуваат заевистите врз мнозинството на Македонците, ќе се подизлечат. Митот за античката македонска држава ќе продолжи да живее заедно со Сонцето од Вергина. Преголем и презначаен е овој мит  е за да може со договор и со закони да се избрише од  македонската колективна меморија. Вештачкиот национален инженеринг на комунистите доживеа дебакал. Вековниот сон за самостојна македонска држава тешко и бавно, но се оствари. Заевистичкиот национален инженеринг нема ниту да започне. Сеќавањата за сопственото минатото се дел од човековата природа. Тие ниту можат да се украдат ниту да се фалисфикуваат. Не постои здрав човек кој може да опстојува претставувајќи  туѓо, или фалсификувано минато како свое. Исто е и со нациите.