Токму тие пред три години од Крушево најавија четврт Илинден. Боже прости, но како да е Илинден тепсија бурек, па сечеш четврт Илинден со манифест на Заев или осминка Илинден со спанаќ на Шеќеринска

Кандидатот за Нобелова награда Зоран Заев в петок, 2 Август, со Илинденското востание ќе го дига и паднатиот морал од пред три години кога од Крушево објави манифест за четврт Илинден: „Нам ни треба нов четврт Илинден во којшто ќе се обединиме одново без разлика на вера, народност, пол и убеденија. Заедно браќа, сестри, земјаци и комшии како што е запишано во Крушевскиот манифест, ќе се избориме за право, слобода и за социјална правда“, порача визионерот Заев на 2 Август 2016 година од пред Македониумот во Крушево.

Ај трпение уште еден цитат од комитскиот говор на потенцијалниот Нобеловец:

„Набргу ќе има и правда и правдина. И право и права. И просперитет и иднина. Идеалите се исти само оружјето е сменето. Некогаш нашите предци битката за слобода ја водеа со пушки и топови. Денес најмноќното оружје е гласот на граѓанинот. Го слушаме тој глас, кренат и бунтовен… Се крена народот против арамиите, а за подобар живот “, рече Заев, кога не беше ни премиер, ни министер за финансии, ниту кандидат за Нобелова награда.

Сега е три во едно: и прајминистер и министер и ова третото. И плус стигнува да најде време за распродажба на македонската историја што „сме ја краделе од соседите“. И да говори на Мечкин Камен на најсветлиот македонски празник.

Но, пред да се случи четвртиот Заев Илинден, објавен во неговиот манифест од 2016-та во Крушево, малку за историјата и за спомениците кои, во еднина или множина, се најексплоатирани зборови во нашата понова историја. Најчесто во негативна смисла. Зборот споменик, кај една групација граѓани, стана основна мерка за грдо, лошо, неестетско, криминално, расипничко, непотребно… Или накратко зборот споменик стана основна мерка за негативно.

Ама пред да се случи четвртиот Илинден и пред да биде подигнат споменик на неговиот промотор, треба да расчистиме со претходниве Илиндени. Прашањето, поради континуитетот, е како ќе ни се случи најавениот четврт Илинден, кога третиот не се случил? Ќе прескокаме од втор директно на четвртиот? Ако, пак, за трет Илинден се смета референдумот и осамостојувањето на Македонија, како симболика се прифаќа, но тој Илинден, според датумот, беше поблиску до Крстовден отколку до Илинден. Ама на Заев се му се простува, „Порошенко и Столтенберг“ можеби и за Илинден го довеле во заблуда.

Тоа и не е толку спорно. Колку што е нејасно дали в петок Заев ќе најави и петти Илинден, по четвртиот од пред три години?! Боже прости, но како да е Илинден тепсија бурек, па сечеш четврт Илинден со манифест на Заев или осминка Илинден со спанаќ на Шеќеринска. А ни за третиот не сме расчистиле кој е и со што е. Нека не биде лошо разбрано, зашто Илинден е македонски симбол со кој не треба да се поигрува никој, ни кога се пишува со иронија, ниту кога се држат политички говори на Мечкин Камен. Но, тие што се залагаа(т) за четврт Илинден, веројатно, пак според слободна проценка, сакаат да изедначат, односно есдеес да им изедначи на вмровци и да биде два спрема два во Илиндени, а со петти Илинден и да поведат, оти денеска кажаа дека „Сите сме деца на Илинден“.

Како и да се вртат работите, првиот Илинден од 1903 година, припаѓал на вмровци, а оној од 1944 некако како да им е поблизок на есдеесовци, иако вмровци имало и во Илинден од 1944 година, но не и есдеесовци во 1903-та. За тој, пак, од 1991 година вмровците беа за самостојна Македонија со своја војска и своја репрезентација, а социјалдемократите беа за платформата на Глигоров и Изетбеговиќ и за опашката од референдумското прашање за (не)самостојност. Па, сега, со најавениот четврт Илинден, сметаат дека против вмровци ќе изедначат, и ќе бидат два спрема два, во Илиндени. И можеби уште в петок: бујрум народе и петти Илинден! И ќе поведат…

Но, тоа се само шпекулации, фејк њус што би рекле од Министерството за вистина, но факт е дека на прославата на годинашниов Илинден ќе се случи апсурд: Тие што ги гранатираа со бои и лакови спомениците пак ќе клекнуваат пред нив за да положат цвеќе. И ќе ни го дигаат моралот и македонскиот дух. Тие наместо да положуваат свежо цвеќе треба да положат свежи сметки за урнисувањето на идентитетот и духот на Македонецот. Освен тоа покрај цвеќето пред спомениците треба да положат и сметки за сквернавењето на истите и целосното сквернавење на македонската историја со пазарење „овој период е ваш, оној е наш, овој револуционер е по половина, по четврт, по осминка…“

Дилема е дали можеби шарената револуција ја есапат за четврт Илинден!? Ако е така уште поапсурдно е клекнувањето, поклонувањето и ставањето цвеќиња пред коњот на Никола Карев од тие кои ги напаѓаа коњите со бои и лакови на револуцијата со кои ја ишараа Македонија. И не само илинденците, туку и асномците карши Карев. И не само тие.

Така стојат работите со Илиндените. По најавата на четврт со Заев или (понежна) половина со Шеќеринска. Боже, кој апсурд!

Димитар Грумар