Јованка КЕПЕСКА
Актуелна е дискусијата за реформата на основното образование. Но, реформата која пледира на реализација на единство на науките во наставата не може да се постигне ако единството не е постигнато во рамките на самите науки. Односно дека, со оглед на развојот на општествените односи, единството на науките се распаднало. А науките во комплексот на хуманистичко-општествено-историските науки се осамостојуваат. Во исто време кога факултетите во сферата на хуманистичко-општествено-историските науки прераснуваат во наставни установи додека научната дејност се одвива во институтите.
При што идеата за единството на науките во областа на хуманистичко-општествено-историските науки останала само како „рамка“ на која се повикува. Поради што логично е да се постави прашањето дали е можно да се обмислува и реализира реформа на основното образование надвор од дадената реалност.
Со оглед на развојот во техничкиот свет на трудот, односно со оглед на неговата енормна специјализација што ја следи и сциентификацијата, настанува не само распаѓањето на органското единство на науките туку настанува и општ процес на делење на дисциплините. А тој тип на науките е различен од оној кој би го нарекле конзервативен. Врз специјалистичкиот тип на науките настанува делење и на факултетите.
Во исто време природните науки постигнуваат особен развој.
Јасно е притоа дека изостанува интервенцијата на филозофијата како првобитната идеја за единството на науките. И нешто што сеуште постоело на преодот од 19 во 20 век кога, на пример, медицинарот морал добро да ја познава филозофијата на природата за да биде добар лекар. Се губи, помалку или повеќе теорискиот приод во економијата, во социологијата и во политикологијата и др. Како резултат на што знаењето станало вербалистичко и формалистички фундирано.
Ова се севкупните причини поради кои во практиката, од една страна, постојат тенденции за најстрога специјализација; од друга, стои претензијата за одржување на постојните институционални структури; и од трета, како определена носталгија за општото образование како и за една наука која би ги поврзувала сите науки.
Тоа говори дека поради реалноста во која егзистираат науките за да може да се реализира нивното единство во концептот на наставата процесите на единството на науките мора да се одвива најпрво во теоретската сфера, на ниво на науките.
И дека во дадениот момент сеопшти структурни реформи за реинтеграција на специјалните науки во областа на хуманистичко-општествено-историскте науки не се можни. Можна е кооперативноста на различните дисциплинарни подрачја. Постигнувањето на взаемното поимно и методолошко разбирање. И реализација на тематски потфати. Кои особено се можни на последипломските и на докторските студии. Тие, впрочем, и се одвиваат без големо договарање, без притисок од надвор и од внатре и без наметнување на институциите да стапат во некакви целини. Соработка која веќе е и евидентна.
Од што произлегува дека наставата мора да биде подготвена и персонално за да се одвива реализација на реформа.
За да се операционализира структурно интердисциплинарен теоретски пристап во сферата на хуманистичко-општествено-историските науки, иницијативи, секако, имало и досега. Но тие биле сегментарни обиди на теоретски план и во мали размери. Или останале само како замисла.
Ова се причините поради што се јавува оправданата скептичност пред најавената реформа на основното образование кај нас.