Актуелната политиката и македонската нација

Јованка КЕПЕСКА

Во политичката практика како имплементација на теориски концепти, во светски размери евидентни се два пристапа кон нацијата. Првиот пристап кој е во процес на имплементација во рамките на Европската Унија, се јавува како надминување на заедницата на државите (нациите) со здобивање повисока заедница на народите. Ваквиот концепт во сите факти пледира за признавање на посебноста на народите и нивниот културен идентитет. Другиот, што како концепт и реализација опстојува и во европски рамки, исто така, на нацијата гледа исклучително како на политичка заедница на граѓаните, изедначувајќи ја нацијата со државата. Американската нација која настанала како политичка заедница на нововековно населените народи на територијата на северниот континент, се приклонува кон вториот концепт. Според овој концепт граѓаните (синоним за политички субјекти) својата припадност кон државата ја искажуваат како национална припадност, и тоа согласно со името на државата. Јазикот на државата е јазикот (на нацијата) што го носи името на државата. Своевремено во таа смисла Република Бугарија ја призна македонската нација и македонскиот литературен јазик како уставни категории.

Повикувајќи, Македонија и нејзиното лидерство да направат решителен чекор во решавањето на името на нашата држава, што би можел да биде оквалификуван како нејзин приоритет, амбасадорот на САД во нашата држава, г. Рикер (во ноември, 2008), во своето обраќање на собраниската Комисија за надворешна политика, согласно вториот пристап, укажа дека многу држави во светот имаат и повеќе имиња, како што кажа и за идентитетот на поединецот, (како  граѓанин на една држава) е многуслоен наведувајќи го својот личен пример дека тој има идентитет како граѓанин на државата Америка и повеќе слоен европски идентитет, но и идентитет на амбасадор, сопруг, син, итн. Како и дека идентитетот на државата и јазикот, без оглед на името со кое се запишани во документите на Обединетите Нации, остануваат исти и живеат според својата логика. Односно дека остануваат и државата и јазикот, затоа што не се менуваат со промената на името.

Секако дека ваквото објаснување не е само слободна конверзација туку обид да се објаснат контурите на евентуалното решение на името на државата според кое релацијата со нацијата се искажува само преку граѓанската (поединечната) припадност на државата при што таквата припадност го носи името на државата, впрочем, како што и името на јазикот што го носи името на државата.

Тоа е приодот што истовремено се состои тогаш и во предлог на посредникот на Обединетите Нации, г. Нимиц, за релациите спрема надвор име Република Северна Македонија и националност и јазик според името на државата; за внатрешна употреба името Република Македонија и македонската нација и македонски јазик.

Јасно беше дека со ваквите пристапи се изместува континуитетот на идентификација на македонската држава со македонското име иако се убедуваше дека суштината на политичката заедница останува иста: тоа нешто што Република Македонија треба да го направи е заради надминување на спорот но заради приоритетите за економски развој и зацврстување на безбедноста. И оттаму и апелот на г-н Рикер за храбро решавање на името од страна на Република Македонија, применувајќи прагматичност во застапувањето на сопствените интереси.

Недоразбирањата додатно се јавија поради тоа што Грција своето барање да се промени нашето име го базира врз нејзиното право на културниот, како дел од националниот, идентитет што произлегува од античка Македонија.

Природно-правниот теоретски концепт кон македонското национално прашање како објективно оправдан приод за македонската стварност, поради што македонската јавност оправдано немаше разбирање за поинакво конципирање на нацијата, беше потребно, осознаено теоретски, научно и аргументирано политички да биде поставен и одбранет. Затоа што македонскиот народ кој својот национален идентитет го градел со македонско име, инаугурирајќи го со своите свети акти македонскиот јазик како национален јазик, има потреба на вистината да ѝ се погледне во очи и да се признаат фактите од историјата.

Нареден прилог: Стратегијата на македонското национално прашање!