Коле Манев
-Знаеш што се зборува во чаршијата?, ме запраша пријателот и колега Пиер, кога се најдовме во центарот на градот.
-Што се зборува во чаршијата?, возвратив со прашање.
-Види пријателе, расположен сум за разговор и затоа ќе ме оставиш да се искажам до крај, па потоа ќе ми кажеш што ти мислиш. Еве ќе почнам вака. Можеби е некаква шега, но некои гласини велат дека тој порпаролот на СДСМ, и сега кога сите знаеме што добивме од ЕУ, тој оди пред седиштето на ВМРО и тврди, до небо бил уверен дека ќе добиеме датум за преговори бидејки сме биле на правиот пат! Сигурно е шега, но денес се случуваат секакви чуда. Кој можеше да предвиди дека Франција, односно Емануел Макрон ќе гласаат против. Во име на вистината Макрон не гласаше против Македонија, и самата Меркел рече дека и други две-три земји биле на линијата на Макрон, но се ставија под сенката на Франција. Можеби ќе ти делува чудно, сега кога многумина се депримирани, а некој можеби ќе падне во колапс, но јас мислам на Макрон и на новинарот од весникот ,,Ла Верита“ господинот Гајсер да им дадеме ордени за чесност од највисок ранг. Знам, со ова што ти го кажувам ќе си речеш твојот пријател и колега забегал, но дозволи ми да се дообјаснам. Цврсто сум уверен дека датум за преговори е чиста фикција.
Види сега, јас како и ти сме први за влез во ЕУ, а НАТО е башка приказна. Некои велат, може да се случи за две или три години НАТО да го нема. Сеедно. Тие од ЕУ ни велат да си ја средите државата после добивање на датум. Се прашувам дали ние си ја средивме државата, пријателе. Мислам дека не. Се менува ли име на држава само да добиеме датум за преговори? Преговорите можат да траат пет, десет или сто години. Што тогаш со датумот, наместо да си ја средиме државичката, овие нашиве упорно ја разнебитуват. Мислиш дека аферата Рекет ќе видеше виделина ако Гајсер од ,,Ла Верита“ не ги објавеше сознанијата за рекетот кој вриеше и врие во државата? Сигурно власта ќе го забошотеше бидејки оваа власт за време целото нејзино владеење се однесува како дива орда. Распродава име на држава, историја, се лиши од нашите малцинства во Грција и Бугарија, се откажува од значајни наши историски личности, само да се лигави пред нашите соседи. Никола Димитров мисли дека блескаме по Договорот од Нивици, го променивме името на државата и затоа сме блескале, тоа е лудост и никако блескање.
Дојдоа до таму да ги шмирглаат шахтите со Сонцето од Кутлеш. Од тоа поголемо политичко дно нема. И како капак на сето ова, и Заев и Пендаровски ни велат да продолживе со реализација на Договорот од Нивици, а во него пишува некои работи можат да се реализират и по пет години. Како муви без глави дрндаат: Северна, Северна. Која Северна бре токмаци, од вашата Северна дојдовме на оваа дереџе. Некои од нив сакаат да си ги задоволат нивните нарцизоидни фрустрации, други се врзуваат за етничка линија. Бујар Османи, замисли министер за евроинтеграции, ни вели, што и да каже Венецијанската комисија во Законот за јазици нема да се додаде или одземе ниту точка. Тој оди во Брисел да лобира за датум за преговори, а не сака да ги почитува институциите на ЕУ една од нив е и Венецијанската комисија. Затоа велам на Макрон и на Гајсер треба да им дадеме ордени.
Ако по некоја случајност добиевме датум, овие нашиве лумпер-политичари ќе распарчеа и тоа што остана од нас и државата. Макрон и ,,Ла Верита“ не го направија ова само за нас, не сакаат во ЕУ да акумулират уште проблеми и недоразбирања. Случајно или намерно така се споија нашите и нивните интереси. Да бидеме реални и ЕУ има свои проблеми, види што се случува со Брегзит, три години не можат да го решат. Мислам дека датум ќе добиеме тогаш кога ќе почнеме да си ја средуваме државата, ама вистински не како Специјалното обвинителство кога лидер на партија или премиер им кажува против кого да покренат обвиненија. Тоа не е правна држава и затоа специјалната Катица се наоѓа во притвор. Невкусно е кога некои аналитичари и политичари вината ја фрлат врз други, тој бил виновен овој виновен, сите биле виновни. Не, ние самите сме си виновни и ова нека ни служи како лекција. ЕУ не е идила но во неа како и во целиот свет постоја прогресивни сили кои се на страната на правото и вистината. Тие сили нас не спасија.
Тие не поднесуваат велепредавници и клептомани, не сакаат власт која си ја разнебитува сопствената држава за да добие датум за после од ЕУ да црпи фондови кои ќе завршуват во нивните џебови. Таквите никому не се потребни најмалку нам. За ваква работа, во моето село Смрдеж се вели: Тоа е турена работа. Сега колега сакам да знам што ти мислиш за моето пледоаје?
-Колега на твојот долг и содржаен исказ немам што да додадам освен да одиме и да се честиме по една пица капричиоза.