Илија Мајсторов
Деновиве се обелоденија, долгите, тешки и непроспиени ноќи со размисли, која личност на која позиција, се разбира, во таборот на победниците, ако, навистина, победници и постојат! За некогаш, што било и како било, немам доволно информации, а за последниве, се согласувам дека се посебни во нашата изборна (и)сторија. Секаде и секогаш, кога ќе се појават 20-30 илјади неважечки ливчиња, човек не треба да е добар познавач на изборни збиднувања, за да заклучи дека нештооо… смрди, заудира! Да не речам, не е како што треба…
И без тоа сме поделени во општеството на наши и ваши и, според нив, тие ја однеле победата, а рацете – празни, но во матежина, апсолутно верувам! И да не должам во околности кога податоците се толку изедначени, а Изборната комисија како никогаш досега – ноншалантна, збунета, единствена во нечеснотијата, со недозволива (не)аргументација отфрли сѐ. Ама баш сѐ, дури и за партии кои изброиле нерегуларности во над 2.000 избирачки места. Замислете, какво е тоа и колку тона тежи извртувањето на вистината, ако на секое избирачко место, во просек, имало по пет „лажоманства“. Десет илјади на конто на една од партиите би значело и две пратенички мета со што се удира отклуч на пандорината кутија во која се кријат безброј приказни.
Да се префрлиме на најактуелното. Каде што има чад до небо, (Чаир и Сарај), има не само оган, туку подметнат пожар кој ништо не го гасне. На пример, Изет Меџити, (кој ми ти бил незадоволен, а значаен фактор), може(ше) ли со два прста да ја урне новата Влада? Оваа наметната т(в)орба, полна со уцени, ценкања и наддавања, која низ историјата, како никогаш досега, немала толку кревки, немоќни и стаклени ноџиња. Ако не сега, може ли да се очекува дека на „првата кривина“ ќе летнат, сите комбинаторики во небесата како пердувите на „кока Рада“. Онаа секидневната кокошка – носилка-кокошка на баба Стамена. Кај нејзе ги поминувавме голиштарските сончеви лета, во село Марвинци, во плодородниот вилает околу Валандово.
А особена (и посебна!) ексклузива е моќта на првиот вицепремиер, (оваа функција, очигледно, ја избегнал Бујар Османи!) Најинтересно е кој ќе го има правото да „раководи“ со премиерот Зоран Заев!? Прашање е што лебди и по кој закон, каде е хармонизацијата со директивите на ЕУ? Се разбира, ако шпекулациите не се… шпекулации, туку секирации (на народот!), кој, сепак, не е во затишје. Народот е моќен, народот е „струја“ (покачена за седум проценти), народот е гром од облачно или од ведро небо, сеедно.
Годиниве, како што тргнала националната кола прудолу, сето ова е следствен епилог на историски искривокалчени збиднувања, кои кулминираат последните неколку години. И очигледно колцето продолжува да се тркала во недоглед, од првите моменти на плуралното општество, до деншни дни. Но, ова што се случува, ќе не чини премногу и не ќе можеме да ги вратиме вредностите кои, објективно, постоеа и постојат… во онаа светлина, зад ридот!
А ете , ми се наметнува и прашањето, кога гласаме: Дали, всушност и ние, што разбираме барем по нешто, објективно, знаеме – што гласаме. Та нели случувањата по двата последни изборни циклуса доведоа до таква папазјанија чија горчина ќе ја голтаме со децении. Се разбира, сѐ додека вистинските патриоти не дојдат на власт, (не ми е јасно со кој изборен модел?), но, ќе пристигнат, еден убав сончев ден… пред сонце да зајде, а можеби и подоцна.
Не, не е сон, се уверувам себеси. Ќе дојдат, го чувствувам тоа во душава маченичка, ни крив ни должен, затечен и немоќен да изменам и да прекројам нова долама за милава ни Македонија. Патриоти, образовани, воспитани, полни со знаење и прогресивни идеи, со силни мотиви да му служат на овој напатен и страден македонски народ, без оглед на вера и националност. Верувам, нема, како досега да се делат луѓето по националност, по исповеди, по граѓанство- руралство или не знам какви други „слики и прилики“. И ќе бидат и десница и левица, сплотени во идејата за демократско, за праведно општество.
И за крај, пред изборите заклучивме дека од граѓаните се бара мудрост. Да ги побараме и да ги анализираме во изборните списоци оние личности кои ќе го направат силниот пресврт кон подобра иднина, барајќи нови патишта и не потклекнувајќи пред постојаните напади за бришење на Македонците (од овој дел на Македонија и не само од него!), од светската мапа на народите.
Кратко прашање или наравоучение: Што направивме ние, граѓаните, за подобро утре!?
(Авторот е дипломиран економист)