Коле Манев
Многумина предвидуваа дека ќе дојде време кога Зоран Заев, па и Никола Димитров, ќе почнат да талкаат низ европските метрополи барајќи помош и разбирање за нивното совршено злодело наречено промена на името на Република Македонија.
Многумина предвидуваа, но никој не можеше да претпостави дека тоа ќе се случи толку брзо. По една година од потпишувањето на договорот од Нивици, романтичната приказна на Заев и Димитров почна да добива драматични димензии. Квази-популарниот тандем Ципрас-Заев, поддржуван од многу европски лидери, по изборите за Европскиот парламент не е повеќе во игра. Позицијата на чело со Ципрас загуби од опозицијата, по што Ципрас беше принуден да побара од претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, брзи вонредни парламентарни избори кои ќе се одржат на 7 јули.
Во политиката ваквиот гест на Ципрас може да се нарече политичка доблест. Тоа што Заев и Димитров останаа сами на балканската ветрометина и не е толку страшно. Трагично е тоа што Заев нема кому да му подари црвена (комуњарска) вратоврска, Димитров нема кого да шармира, нешто со што тој тргна во освојувањето на цел Балкан и половина свет! Чудно ама вистинито. Главните актери од ЕУ, кои настаните на Балканот посакуваат да ги гледаат со силен диоптер, а некои од нив, иако ќе бидат уште кратко време како влијателни играчи, ваквите нагли промени воопшто не ги гледат со розеви очила.
Алексис Ципрас, на кого му беа подарени или избришани 120 милијарди евра долг, сега е подложен да губи. Наспроти него Заев сака да добие дата за преговори од истата таа ЕУ. Ако ЕУ даде пас на Заев и Димитров, односно на нивната им Северна, работите можат да се замрсат малку повеќе од тоа што мислат Заев и шармерот Димитров. Сега и двајцата скокаат и тропаат по сите можни врати, шармерот не е прибран дома, шета од држава до држава веројатно барајќи решение повеќе за него, отколку за нивната им Северна. Ме чуди како овие двајца, не знам како да ги наречам, кога видни европски и светски личности доаѓаа во татковината, можеа само во дел од минута да помислат дека сите тие доаѓаа да го поздрават големиот успех на Заев и Димитров!?
Ако такво нешто им поминало низ главите на нашиве двајца, во тој случај тие се ептен слепци и наивни до немајкаде. Сите тие од Европа доаѓаа да го задоволат и да му направат ,,чест“ на нивното милениче Грција. Се друго што се случуваше околу Димитров и Заев беше добро склопено политичко сценарио кое заликуваше на фатаморгана. Прогресивната ЕУ не почитува личности кои си ја продават и разнебитуваат сопствената држава историја, култура и традиција.
Нашиве двајца токму тоа го направија, убедени дека овие од ЕУ ќе им подарат и некоја награда. И двајцата силно се излажаа. Затоа од сите страни на Европа добиват црвени картони. Сега пак и Пендаровски истрча во Брисел, кај Туск, да одржи лекција од морал и етика. Овој новиот Пендаровски, ако навистина мисли дека може да оди во Брисел за да проповеда морал и политичка етика, зарем навистина мисли дека тие од ЕУ не знаат на кој начин дојде на тоа место? Зарем Стево може да помисли дека тие од ЕУ не слушнале за ,,Едно евро за Вицето…“ или поткупот на пратеници за да се изгласат промени во Уставот?
Зарем Димитров не ја слушна препораката на Захариева која вели: Делчев е Бугарин, а ако не им го смениме менталитетот на Македонците преку нивните учебници, ништо нема да постигнеме? Шармерот Димитров нели може да разбере дека ваквите изјави на Захариева, со која срдечно се поздравува, се фашизоидни пораки кои датират уште од Втората светска војна.
Тоа ли нуди договорот со Бугарија, да ни го сменат менталитетот, во спротивно ништо немале да постигнат. На Захариева, Димитров треба да и подаде протесна нота, и кога се ракува со неа да не гледа во облаци кога си ја мести вратоврската околу тилот. Заев не слуша и чита што му порачува Каракачанов, за влез во НАТО и ЕУ, или Заев како џокер го има името и делото на Гоце Делчев кој може да му послужи како добра трампа со Каракачанов и Захариева. Не знаеме што Заев договори со Ахмети за да може сега Пендаровски да скокнува до Брисел бранејки ја тезата дека тој 102 отсто се сложува со идеите на Заев.
Крајно е време господата Заев, Димитров, Шеќеринска и Бујар Османи, кој играше улога на скрининг играч, да си поднесат неотповикливи оставки за резилот што ни го приредија во изминативе три години откако се на власт.