Ама не од многу сарми и руски салати, не од празнувања новогодишни туку од чемер и јад затоа што не останавме свои на своето. Што заборавивме и кои сме и што сме, за што гинеле и што сонувале нашите предци. Распаметени од морковчето – ЕУ и НАТО урнисавме сé што некој претходно го градел со крв и солзи, за 500 евра плата ја продадовме државата. Ете толку чини Македонија, онаа во која сте/сме израснале, нашата чудесна земја во која сме се родиле, сме се заљубиле, во која сме ги искусиле најголемите радости и најголемите таги имала цена, само 500 евра.
Се трудам да го најдам пирејот во нас, оној пиреј за кој зборуваше Петре М. Андреевски – („Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска! Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева!“ ), ама не го наоѓам. Наоѓам потсмевање со тие кои што чувствуваат неопислива тага за ова што ни се случува денес, тие биле будали коишто не сфаќаат дека еве сега ќе го фатиме морковот и оп животот ќе ни се смени 180 степени.
Сериозно мислите дека изминатиов период покажавме ЕУ вредности кои ќе ни го обезбедат местото во овој сојуз? Со што бе дечки? Со тендерите на Кочо или на сопругата на Јани?! Или можеби со оние на сопругот на Мила?! Пардон невенчаниот сопруг, помал грев е така. Со амнестирањето на криминалите на ВМРО ли? Ги заборавивте братучедите и милијардите, не ви е важен бројчаникот што ќе ги броеше вратените пари од судските пресуди. И слепи и глуви сте на диктатурата на малцинството што ни се случува. Ни да бекнете бе за барањата на Касами и Села, како да ви го изела мачка јазикот, немо набљудувате што се случува и не трзате бе. Се фасцинирате од Франција и од жолтите елеци, а да ве потсетам ли дека тие се дигнаа на бунт за зголемен данок за гориво? Нас не разнебитуваат по сите основи и ќутиме, за даноците покачени кај нас не ни зборам. Дали мислите дека на Франција да ѝ се случува ова што денес ѝ се случува на Македонија ќе помнеше така мирно? Кога го изгубивме пркосот бе другари? Кога станавме јагниња што стрпливо чекаат ред за колење?!
Мислите ќе биде полесно, ама нема. Од тоа нашето „ќути да не биде полошо“ изгубивме сé што треба да му е свето на еден народ, чувството на припадност го изгубивме. Станавме номади, се будиме со мисла кај да одиме во белиот свет за трошка достоинствен живот наместо да се бориме и да дигнеме глас и сите заедно тука да го направиме животот подобар.
Можеби чувствувам горчина во душата ама не дозволувам да ми го убие отпорот и одбивам да бидам нем сведок на ова што ни се случува без оглед на крајниот исход.
Мартина Антиќ