Во фантастично подобен контекст на северната папазјанија и денешницава ни апсурдна, една кандидатура неминовно си се наметна. Си седиш така и оп, ЕУРЕКА! Драги мои, ајде да го предложиме и поддржиме Боки тринаевче за „прецедник“ на државата! Па, ако можеме да бидеме Северна, чуму тој да не ни биде шеф на државата. Зоки премиер, Боки прецедник. Туууу, неверојатно комплементарни ликови. Башка, има и рима. Боки му го даде на Зоки… Мандатот во 2020-та, нели. Јако. Одлично ќе и прилега на целата монтипајтоновска прикаска. На страна што си ги заслужуваме, ама скроз…

Замислете само, Зоки премиер, а до него, рамо до рамо, Боки. Колку прекрасна глетка за очите, абе милина, убаини… Па ако ја биде, да ја биде целосно, нели.

Така, силно воодушевен и вознесен од интервјуто му, во кое овој крајно самобендисан лик страшно ми наликуваше на Кралот Сонце, идејата сама, неминовно и толку природно си дојде. Едноставно, фантастична и срцепарателна прецедничко-премиерска комбинација. Да, па ако е бал, „нек буде маскенбал“, а помаскенбал од овој, здравје. Па и онака, се преправаме дека имаме држава, дека имаме македонски премиер и влада што се грижи за националните интереси, дека младите ќе останеле, оти се’ е океј, итн. итн. итн. Фер, и онака се’ е жива пародија, нели.

Епа, чуму тогаш шеф на државата да не ни биде токму тој. Оти, кај и да е, ќе почне за себе да зборува „НИЕ“, па ајде да си имаме прецедник ала Луј 14-ти, супер ќе ни дојде. Да ја заокружиме целата прикаска, оти во милата ни, некогашна Македонија, се’ си има „проѓа.“

Со помин нека е, ќе речат во турските серии, а во македонската бурлеска од држава ќе добијат дупла добивка. Јап, ќе си имаме две во едно. Оти, тој ќе си биде и прецедник, башка и прва дама. На еден трошок, а? Фантастично и многу „промуќурно“, ко и се’ во Северна, нели…

И властодршци северни, не се секирајте, грижете уште помалку, тоа што дотичниот нема доволно години. Тоа е најмал проблем. Искористете го ова крваво и со затвори и закани, тешко и макотрпно стекнато двотретинско мнозинство, па намалете ја и границата од потребни 40 години за прецедник. Пребегушите од ВМРО и останатата гласачка собраниска машинерија со ќеф ќе гласаат. Само кажете им, а тие послушно и со две раце ќе си притиснат копче, ко и за се’ досега. А за јавноста, терајте ја онаа: „Без Бокија во ЕУ и НАТО, никако нема да влеземе!“ И она другото: „1000 мега-компании чекаат во позиција на низок старт тој да стане прецедник, за да веднаш и беспоговорно инвестираат во Северна Македонија!“

Од друга страна, додека го спремаме Бокија за прецедник на северниот суртучки протекторат кој е дел од Западниот Балкан во регионот на Југоисточна Европа, на „миените“, мозочно се разбира, срцки, да им го честитаме скорото преименување на државата, Уставот и историјата.

Бравос! Па не е шега, неимари шаренолики, создавате нова држава, буквално, пишувате нова историја. Грда или не, не е битно. Битно е само денеска да си ги полните џепчињата, повеќе од вчера, помалку од утре…

Онака, опортунистички и орно ко што си знаете, сега закитени со паролата: „И по Зоки, Боки…“