Ако ме прашате која би била омилената поговорка на премиерот Заев тогаш без размислување би ви одговорила дека мора да е онаа старата „кај сила нема правдина“, затоа што од кога е на функцијата која ја извршува имаме манифестација на тоа дека силата е поголема од правото во нашата ни држава. Со секој изминат ден е се поевидентно еродирањето на правниот поредок, започнувајќи од начинот на којшто беше избран претседателот на Собранието, па носењето на законот за употреба на јазиците, измената на Уставот и еве сега и објавувањето на истиот тој Закон во Службен весник, а сето тоа измеѓу зачинето со апсења, закани и монтирани судски процеси.
Во новата 2019 година влегуваме со ново име и без правен поредок, кој во старата ни Република Македoнија беше толку урнисан што во новава северна држава изгледа нема да има потреба воопшто да го имаме туку очигледно ќе си фунционираме согласно волјата на владеачкото мнозинство.
Што има таму да се почитува некое си писание изменето пред два дена за тоа како некој правен акт стапува на сила во една држава. Навистина нема потреба највисокиот правен акт да го кочи и така кревкиот соживот кој стои на стаклени нозе и зависи исклучиво од издигнувањето на албанскиот јазик на рамниште на втор официјален јазик во државата, особено ако имаме во предвид дека благодарение на нивните гласови после повеќедневно преговарање со премиерот Заев државата конечно се реименува во Северна и тргна напред со крупни чекори кон евроатлантските интеграции. Не знам зошто мислевме дека притискањето на копчето ЗА Северна би било гратис од нивна страна, кога власта убаво ни покажа во изминатиот период дека ништо не е гратис кога треба да се промени името на државата, само валутата за исплата е различна во зависност од чинителите кои треба да гласаат.
Убава е и пораката која се испрати на граѓаните на Република Северна Македонија воочи претседателските избори дека претседателот е најнебитната фигура во нашиот политички систем и дека нема потреба да се чека неговиот потпис на указите за прогласување на законите, односно дека кохабитацијата постои само како дефиниција во некој учебник по политички системи. Веројатно со ова имаме показна вежба како претседателот на Собранието може да ја врши функцијата претседател на држава и кога не се исполнети условите за тоа, или пак како една држава нема потреба од претседател кога истиот не е од иста или слична политичка ориентација како партијата на власт и мора да се функционира во услови на кохабитација.
Она што стана правило во нашата ни држава е дека е полесно на сила да се спроведе волјата на владеачкото мнозинство отколку да се најде заеднички јазик со претседателот на државата или опозицијата без разлика дали станува збор за надминување на несогалсувањето околку донесувањето на одреден закон или пак за државните интереси во целина.
Е па само да ве прашам, до кога вака?!
Мартина Антиќ