Имајќи ги во предвид опозициските потреси нормално е фокусот на граѓаните да биде усмерен таму и никако ама никако да не се обрнува внимание на сé она што секојдневно се случува во државата која што ита кон Европа. Одеднаш сé она што беше важно и за што се протестираше секојдневно е засенето од ВМРО ДПМНЕ. Типично вмровско однесување, намерно ја дефокусираат јавноста за да не се обрнува внимание на реалните проблеми во општеството. Што народ ќе беа, такви беа и кога беа на власт и сега во опозиција.

Ете на пример заради нив помина незабележан успехот на државата да се пласира на прво место по загаден воздух во Европа, а Скопје на стабилното 6 место во светот.  Граѓанството што до пред некое време маршираше низ улиците на Скопје заедно со Петре и Јани извикувајќи ги паролите „Скопје сака да дише“ сега е дефокусирано со поважни проблеми од воздухот.  Искрено не може човек да им замери, па луѓето се засекирани за тоа што се случува во опозицијата, кој каков воздух дише во „белата палата“, па дали некој дал оставка затоа што не можел да „дише“, па кој на кого што му пишал и што му порачал преку медиумите, итн., итн. Толку многу се загрижени и фокусирани на прочистувањето на воздухот во опозицијата што не знаат дали да направат транспаренти „Опозицијата сака да дише“ и со заштитни маски да излезат и да протестираат пред  нивното партиско седиште или пак од дома да им дадат поддршка пишувајќи статуси или пак твитови на тема „воздух во опозицијата“.

 

 

Исто така ги нема ни пленмуците, и тие се инфицирани со истиот вирус – секирација за опозицијата. Само да се средат приликите во ВМРО ДПМНЕ и ќе се зафатат со решавањето на студентските проблеми. Кај до сега спиеле студентите во мувлосани соби, се бањале со ладна вода и јаделе „протеински“ појачана храна, ќе издржат уште малку. Многу поважно е тоа што се случува во подмладокот на опозицијата и мора приоритетно да се решаваат проблемите. На прво место е сеирот, а после сé останато, а и јакнењето на спартанскиот дух кај студентите не е на одмет. Треба да знаат дека животот нема да ги мази и пази секогаш па и не е така лошо да се привикнат на лоши услови. Од друга страна треба да имаме предвид дека лидерката на студентскиот пленум, другарката Ивана Туфегиќ е зафатена со уставните амандмани за промена на името, така што по цели денови и ноќи е посветена на таа проблематика за да може час поскоро после уставните измени да ги однесе студентите во Европа, при што инстантно студенстките домови ќе се возобноват, од славините ќе тече топла вода и секој ден за доручек ќе има мед и млеко. Само трпение другари, ќе биде.

Некако ги нема и оние пишувачите на писма за задолжувањата на државата. Или не им смета секое ново задолжување или и тие се фокусирани на столчето на Мицкоски. Задолжување како задолжување, сигурно нема да е последно на оваа влада ама ваква дешавка што се случува еднаш на дестина години не смее да се пропушти. Што има врска што јавниот долг расте, важно е што ете СЈО го блокирало имотот на опозицијата, и само да видат што ќе се случи ќе почнат да галамат и да ја караат владата дека навистина претерала со задолжувањата.

Штурци имаме и на тема здравство, никој не е загрижен што под прозорците на предвреме родените бебиња ќе се изгради нова монтажна гаража. Кој знае можеби по европски протоколи  е предвидено бебињата што се на интензивна нега освен кислород да дишат и издувни гасови за да се привикнат на загадениот воздух што го имаме надвор. Ќе проверат душегрижниците како е тоа предвидено во Европа ама откако ќе се средат опозициските прилики. И никако веќе не е важно што докторите сé помасовно си одат од здравството, и што сé повеќе се раситнува кадарот на клиниките, ионака во Европа здравството е бесплатно па не мора сега да реагираме, ќе си се лечиме надвор пак кај наши луѓе.

И така на секое поле, не е важно што владата не носи во Хондурас, важно е опозицијата да е во фокус.

Мартина Антиќ