Конечно ја дочекавме Катица, да бекне збор или два околу нејзината улога во аферата „Рекет“. Овој пат таа беше сама, без другарките Фатиме и Ленче да и го чуваат грбот. По долгото боледување и без фризура таа и се обрати на нацијата. Катица прозборе и во просто-проширена реченица кажа дека таа била злоупотребена и овој пат како и повеќе пати до сега кога нејзиното име било користено за да се отвораат портите од рајот но нејзиното срце е големо исто колку нејзе и затоа има место за многу пријатели во него, вклучувајќи го и Боки 13.

И додека она тажно ни објасни како сиротата била злоупотребена ние се чудиме на апсурдните објаснувања кои се пласираат во јавноста околу истрагата, околу нејзината вмешаност, а и од функционирањето на СЈО како нејзина приватна фирма во која се вработуваат нејзини блиски луѓе. Можеби навистина не е да замериме што сестрата на девојката на синот на Катица била вработена во СЈО и што откако го прогласија за изгубен вториот телефон истиот е лоциран кај нејзе. Да, оној изгубениот во Белград, кој не е тој телефон туку некој трет??!!! Цела среќа што се сетила дека кај и е да не се сомневаме во нејзе за џабе.

Доказ плус колку добра пријателка е Катица, е што ги вработила и ќерката и внукот на другар ѝ Сашо Василевски, ги здомила децата кај нејзе да научат занает, да се очовечат и сами да си вадат леб, ги вработила во на татако и формата, не таа за правње слатко од смокви туку во онаа за гонење на криминал кој произлегува од прислушкуваните разговори. Очигледно ние што не сме пријатели со нејзе можеме само да пукнеме од завидл`к и да бараме во јајцето влакно за беспрекорното функционирање на противуставното СЈО под диригентската палка на Катица. Боки исто така ѝ е само другарче кој ја злоупотребил нејзината доверба иако претходно го вработил син ѝ кај него во телевизија. Да знаела дека така ќе ја злоупотреби сигирно немала да се слика 635 пати со него.

Сирота Катица до толку се заигра со нејзината функција и се умислила односно ја умислија дека е недопирлива што изгубила осет со реалноста. И не само што таа не знае каде е во моментов туку си мисли дека и народот пие нафта и верува на нејзините објаснувања и мрморења обликувани во простопроширени реченици на прес конференција од која избега само за да не одговори на ни едно новинарско прашање.

Катица благодарение на нејзиниот „мастермајнд“ опасно летна низ тобоган и таа и нејзиното СЈО, и сите предмети кои ги имаа отворено до сега. Не знам со кој кредибилитет ќе ги водат започнатите предмети кога освен тоа што знаеме дека повеќето, ако не и сите се политички монтирани туку од приложеното дел од нив се отворени и за изнудување на парични средства. Да се разбереме, не само што Катица не е злоупотребена туку таа самата ја злоупотребила функцијата за која била именувана, можеби поточна дефиниција е да кажеме дека Катица била употребена за да се оствари целта на СДСМ и тоа секако е направено со нејзина согласност.

Она што никако не смееме да го заборавиме е дека ни Боки ни Катица не се сами во оваа приказна, некој фино ги поучил и им дал иснтрукции на кој начин да се уновчат бомбите при нивното примопредавање.  Против кого да се отвараат случаи, а за кого не, кој да биде уценет и заплашен за одредено политичко влијание, а од кој само да се бара евро за Вицето и евро за црквата. Не за џабе се спомнуваат сите тие Фрики, Кики партиски функционери во целава афера, а многу добро знаеме за кого сите тие работат и на кого му служат.

Повеќе од две години ова е начинот на кој што владее можеби најкриминалната влада во Македонија, по принципот закана, уцена, изнуда се носат и политички одлуки, се смени Устав. Сега гледаме како кога веќе не им треба СЈО затоа што ги фатија со рацете во медот се откажуваат од истото, иако во повеќе наврати премиерот истакна дека сè е променливо освен Катица, сега така ќе не убедува за Вилма дека таа ќе биде стожерот на одделението што ќе се бори против организираниот криминал. Принципот е ист, само личноста е друга и повторно на повидок имаме злоупотреба односно употреба.

Мартина Антиќ