Во Владата на Република Македонија во моментов е во тек прес-конференција на премиерот Зоран Заев кој, пред Илинден, објави востание против лажните вести и дезинформации во државава.

Како што соопшти подготвен е Акциски план за справување со лажните информации кои се шират преку социјалните мрежи и традиционалните медиуми.

Заев објави детални мерки кои ќе се преземаат и субјекти кои се задолжени за спроведување на овие мерки.

Веднаш на социјалните мрежи има експлозија од револтирани граѓани кои коментираат дека ова е сериозен удар врз слободата на говори, информирање и вистината, спакувана во обланда од наводна борба против ширење дезинформации и лажни вести.

На пресот Заев истакна дека Владата изготви Акциски план за справување со дезинформациите кои, како што изјави Заев, стануваат сериозен упад во демократските и изборните процеси и влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите.

-Дезинформациите се еден од главните предизвици за демократијата во 2019 година и алатка за манипулација со граѓаните. Злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и  непостоечки измислени случувања станаа сериозен упад во демократските и изборните процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите, изјави на денешната прес-конференција премиерот Заев.

Тој додаде дека земјава во изминатите две години во повеќе наврати се соочила со масовно ширење дезинформации на социјалните мрежи и на традиционалните медиуми, а, како што рече, дел од информациите биле споделувани и од територии на други држави.

-Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност Владата работи на Акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. Наша цел е да ја зајакнеме нацоналната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата, рече  Заев.

Тој појасни дека планот ќе биде даден на јавна дискусија и оти до изработката на неговата финална верзија ќе бидат чуени мислењата на сите чинители во општеството. Планот се состои од два дела, во првиот се опфатени безбедносни, а во вториот проактивни мерки.