Така и истрагата за „Рекет“, Вилма истражуваше, итсражуваже некој месец…викна на распит една продавачка и можеби некоја козметичарка па „откри“ кај завршиле парите од „Луј Витон“ торбата и ја затвори истрагата. Секако немаше потреба да ја прошири истрагата со именуваните политичари Кики и Фрики, а уште помалку со Зоки со кого било зборено според Боки. Па така Тредичи и Сињората мудро молчеа на распитот по завршената истрага, сакајќи прво да ги видат доказите за да не им е досадно додека чекаат да добијат куќен притвор како што вчера доби другарчето Кичевско.

Она што е за пофалба се очигледно подобрените услови во Шутка, иако адвокатот на Боки се жали и тврди дека Боки е во животно загрозувачка состојба. Од приложеното се гледа дека Есад Рахиќ добро си ја работи работата па така првоосомничените изгледаат свежо и средено, тазе офарбани и исфризирани, искварацани, скоцкани како да лежеле у Хилтон, а не во Шутка, ете барем фризурите не им патат, ако они душевно не се добри. Верувам дека овој напредок кој ќе биде нотиран и отпоздравен во извештаите на сите релевантни институции кои се заниваат со заштита на човековите права како Хелсиншки комитет или па Совет на Европа и секако во Извештајот на ЕУ за напредокот на нашиот пат кон нив. Па толкава транспарентност и слобода на осомничени да пишуваат писма со барања и да даваат наредби од Шутка до сега не е запамтен.

Во однос на истрагата која што за сега уште нема обзнането на народот кај завршиле сите тие грдни пари од рекетирање на бизнисмени ама затоа се знае дека политичари не биле вмешани, можеме да заклучиме дека сигурно не завршиле кај сињора Катица, затоа што жената заради својата финансиска немоќ е приморана да бара од колегите од СЈО да ѝ ги дадат парите  од црниот фонд за свадби, погреби и прослави. Па дајте ви се молам кој при пари ќе бара цркавица за да покрие адвокатски трошоци?!? Можеби Фрчковска ако не е расположена да ја брани про боно може да се заангажира и да види дали Катица ги исполнува условите за бесплатна правна помош како загрозен социјален случај па од листата на адвокати кои истата ја пружаат да ѝ најде адвокат, а ако не ги исполнува условите тогаш да побара од телекомуникациските оператори да отворат една донаторска линија „Донирај за Катица, донирај за правда“ па да се јавиме сите и да донираме по 100тче. Исто така за ова може да го брифира и премиерот Заев исто како што го брифира дека барала домашен притвор затоа што не ѝ било добро, па на некоја затворена седница на Влада да се доделат парични средства за адвокатскиот тим на Катица, да не случајно отвори јавно уста па да потонат сите.

И во целата оваа бурлеска најинтересен е Верушевски кој ѝ отпеа опело на „Вистината за Македонија“  и ги потона сите бомби кои служат како доказен материјал во сите случаи на СЈО пред суд велејќи дека истите биле модифицирани или сечени, лепени и монтирани и ја фрли последната лопата на Специјалното Јавно обвинителство кое што освен како рекетарско дувло и маша на Владата за дискредитација, притисок и закани очигледно немало друга намена. Па останува нејасно за што се потрошија милиони евра народни пари за една неуставна институција која што и тоа што требаше да го направи не само што не го направи туку и самата се заплетка во криминал и корупција од невидени размери.

Ова што сега се случува во Македонија е без преседан, а владата не само што нема капацитет да воведе правна држава туку истиот уште повеќе го подрива за да може непречено да царува криминалот и подземјето за кое што Димитров самиот вели дека со него ќе се пресметуваат откако ќе сме добиеле датум, никако пред тоа. А што ако не добиеме датум?!

 

Мартина Басарова Ѓеровска