Воислав ЗАФИРОВСКИ

Вчера одбележавме 82 години од започнувањето на антифашистичката борба на Македонскиот народ против бугарските, италијанските и германските фашистички окупатори и против кучињата на војната кои во нивно име и за нивна сметка ги вршеа највалканите работи – балистите. Не спомнаа со ниту еден збор дека со победата над фашистичкиот окупаторски џган, Македонскиот народ го круниса својот идеал за слобода и сопствена Македонска држава.

Владата со ниту еден збор не го спомна Македонскиот народ, не ги спомнаа фашистите и нивните слуги, небаре марсовци дошле во Македонија и во име на Македонците воделе некаква војна против непознат фашистички окупатор.

Тоа не го стори ниту премиерот во Куманово, каде што наместо државната е интонирана партиска химна; ниту вице премиерот Битиќи, кој во Прилеп беше донесен под заштита од “железна купола” како да е некаде во Израел, со блокиран сообраќај, со забрана за движење во близина на Могилата на непобедените…немаше никого кој би му аплаудирал.

Од кого се плашат овие ликови, очигледно се свесни за тоа што прават, значи ни Господ Бог, ниту народот тоа не може и не треба да им го прости.

Тоа што сме биле, што сме и што ќе бидеме, не може да зависи од безличните, недостоинствени партии и партиски проститутки, тоа ќе зависи само од нас и нашиот однос кон сите оние кои со својата крв ги полевале корените на Македонија и во Беломорието и во Пирин.

Се добива впечаток дека во владата на Илинденска седат церемонијал мајстори, за кои не се знае кој од кого е поголем скандал мајстор. Нема ден без скандал, како да се натпреваруваат кој од кого ќе направи поголема глупост.

Дали има некој што мисли дека е сериозно, владата денес да донесе некаква одлука, а веќе наредниот ден на седница на таа иста влада да ја менува?!

Излезе дека владата е загрижена за здравјето на луѓето, па го зголеми данокот на чипсот и уште неколку “не здрави” производи…ако водеа сметка за тоа што е здраво, а што не, и тоа да го апострофираат како аргумент за зголемување на данокот, тогаш нека ни воведат данок на воздухот што го дишеме, бидејќи е загаден, не е здрав од што илјадници луѓе годишно умираат од тоа.

Во овој контекст е и циркусот за рудникот Штука – Иловица. Возможно ли е одлука да помине на влада, а веднаш потоа, по бурните реакции на јавноста, тие истите што гласале за одлуката, да се оградуваат од неа?!

Што правеле на седницата на владата за утредента јавно да изјавуваат дека им била подметната информација со неточни податоци?! Ако било така, зошто никој не понесе одговорност за тоа?!

Очигледно не било така како што тие и претставуваа на јавноста, туку од немај каде, од страв од реакциите од јавноста, како мали деца се предомислија чиј татко е посилен.

Дали е сериозно, владата да ги прескокне сите процедури и на брза лента да протне измени на Кривичниот законик, со кои самата се амнестираше за што цела јавност, вклучително и онаа стручната, академици, како и невладините организации и ден денес, после подолго од еден месец реагираат?!

Дали е сериозно владата да го решава проблемот со лошите услови во затворите со селективна амнестија, зад која се крие обид да се пуштат на слобода тие што ќе треба да одработат за партиите од власта на наредниве избори?! Дали е сериозно текстот на законот да помине на владина сдница, а откако е пуштен во собраниска процедура, таа иста влада да најави амандмански измени на текстот?!

Амнестијата ниту го решава проблемот, ниту нешто битно помага на тој план. Проблемот со лошите услови во затворите и натаму остануваат исти, остануваат нерешени и без идеја како истите трајно да се решат.

Дали е сериозно владата, во обид да ги смали тензиите заради зголемувањето на функционерските плати за 78% ветуваше значително зголемување на пензиите, за на крај да им фрли трошка од 5,3%?!

Сега тие исти функционери тријат раце, бидејќи од јануари, платите ќе им се покачат и до 400 евра, но не и платите на работниците, не и на пензиите на пензионерите.

Излегуваат владини скандал мајстори кои не убедуваат дека цените во малопродажба паѓаат…небаре ние кои купуваме, а не ни носат по кабинетите возачите платени од нас, не знаеме и не чувствуваме дека денарот со секој ден ја губи платежната моќ. Од 2021 до денес, куповната моќ на граѓаните според Државниот завод за статистика е падната за скоро 50%.

На секаков начин власта се обидува да се справува со последиците, да гаси пожари кои буктаат во сите сфери, наместо да се зафатат да ги елиминира причините кои не доведоа до оваа состојба, а најголемата причина се токму тие.

Во владата седат непораснати деца, луѓе кои не се зрели за функциите што ги носат, луѓе кои сметаат дека функциите ќе ги направат попаметни, но не е така.

Личниот интелектуален и човечки капацитет, интегритетот, достоинството, карактерот и честа, се работи кои или ги имате или ги немате.

Ако ги имаме предвид сите скандали што оваа влада секојдневно ги продуцира, сакате во здравството, во образованието и науката, во сферата на безбедноста, во владеењето на правото, во борбата со корупцијата и организираниот криминал, економијата, надворешната политика и каде се не, тогаш е очигледно дека членовите на оваа дивоизградена влада, влада изродена од противприроден блуд на ДУИ и СДС немаат интелектуален и човечки потенцијал, немаат интегритет, достоинство, карактер и чест да ја водат извршната власт во Република Македонија.