Маја Славева
Кривичен Законик, Член 308: Граѓанин на Република Македонија кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор најмалку пет години.
Оние кои го потпишаа Преспанскиот договор, кој повеќе на ликува на личен договор помеѓу Заев и Ципрас, ќе мора да го понесат својот дел од вината за неправдите кои произлегуваат од него. Поткопувањето на правото на сопствено постоење на една цела нација е дело кое ниту влез во Европска Унија, ниту влез во НАТО може да го оправда.
Иако, нивниот договор повикува на принципите и вредностите на Советот на Европа, каде се вели дека мора да се почитуваат човековите права, развојот на демократијата и достоинството, потписниците ни покажаа еден нов термин, демоНкратија.
Со тие зборови и правила ставени на хартија, со забрани и казни, се повредуваат и поништуваат фундаменталните права на Македонците да имаат право на достоинство, културен и национален идентитет во согласност со правото на самоопределување и меѓународното право.
Потписниците ги затворија очите на одлуките на Меѓународниот суд на правдата од 2011, кога Судот експлицитно утврди дека Македонија има право себеси да се именува како Република Македонија во нејзините односи со Грција.
Грција најде слаба алка во Заев, па може да манипулира со пресудата на Судот и да направи историско бришење на туѓ народ и туѓа држава. Според договорот, Грција и’ налага на „Втората страна“, (тоа е Македонија која никако не фигурира како правен субјект) како ќе функционира и и’ определува една цела нова, досега непостоечка нација „Северно Македонци“. Со овој договор Грција не само што се вмеша во сувереноста на една држава, туку создаде нова творевина, без корени и минато, без историја и култура.
Македонија во преговарачките процеси со Грција во 2008 година имаше јасно забетонирани ставови дека името, јазикот и националноста не се предмет на преговори, што се гледа од преговарачките материјали.
Зоран Заев според ова дело недело, не се ни обиде да ги задржи, ниту пак заштити утврдените ставови како такви, туку уште толку се потчини на мегаломанските барања на Грција да направат еден здружен етноцид. Според ООН, Грција немала никаков простор да се противи на употребата на идентитетските прашања на Македонија и од таму бараат Грција да го почитува етничкиот идентитет и интересите на сите грѓани во Македонија. Ова Заев очигледно го изигнорира.
Член 49 од Уставот вели: Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство.
Но! Грците бараат целосно бришење на член 49 од Уставот на РМ, за да биде усогласен со нивниот. А, знаеме дека Грција не признава македонско малцинство. Заев рече дека член 49 од Уставот ќе се унифицира со европската пракса за грижа на дијаспората. Ако се усогласи тој член со европската пракса, односно со правниот систем на Грција како земја-членка на ЕУ, децата на Македонија во Грција и низ светот ќе бидат оставени на милост и немилост, на улица, бездржавни, апатриди. Македонците во дијаспората можеби ќе бидат Македонци, но без своја држава на која ќе можат правно да се повикаат за нивна заштита и остварување на своите права.
Македонците се разочарани. Збунети и исплашени што ќе биде со нивната иднина, со нивните поколенија, со нивното бришење за навек. Македонците во Бугарија, Албанија и Грција се разочарани поради тоа што земјата се откажа од нив. Веќе не смеат ни да кажат дека се Македонци, ами Бугари или Грци.
Грција со овој „доборососедски“ договор ни наметнува откажување од Македонците кои живеат надвор од државата. А, Македонија на чело со Зоран Заев е единствената земја на светот која прифатила туѓа земја да и’ го менува името и идентитетот задирајќи во Уставот.
Со член 20 точка 9 од договорот се вели дека договорот е склучен на неопределено време и е неотповиклив, без никаква модификација на член 1(3) и член (4), односно сите оние замени кои се планираат во договорот да бидат извршени како промена на името Република Македонија, националноста и промените кои следат по тие чекори, нема да можат да бидат променети по стапувањето на сила на овој личен договор помеѓу Заев и Ципрас. Тоа значи и дека целосно не’ одвојуваат тотално од историјата на Македонија, која Грција си ја присвојува. Нема да остане ништо од онаа Македонија која сега ја знаеме и од која влечеме корени. Ќе останеме луѓе кои тивко ќе им шепотат на своите деца и внуци дека некогаш постоела Македонија, но ќе им велат да молчат за тоа. Да молчат поради тоа што може да ги слушне некој од власта и да си сносат казни. Некои нема ни да трепнат. На некои не им е ни гајле. Тие се најтажни од сите, иако мислат дека се најсреќни сега.
Со член 3 (4), член 4 (3), член 6 (1), член 6 (2), член 7 (2), се забранува патриотска „пропаганда“ и се имплицира цензура на било какви патриотски изјави од било која медиумска агенција или НВО од Македонија. Во тие членови се налага и потиснување на авто-изразување на сопствениот идентитет, една убаво накитена и „политички коректна“ цензура од страна на Грција да не им дозволи на Македонците да ја користат својата слобода на говор и на било кој начин да не смеат да се повикаат на идентитетот како Македонци и присуството на Македонци во Егејска Македонија. Во тие членови од личниот договор се забранува и носење на патриотска облека или истакнување на знамето со Сонцето од Кутлеш, нашето прво официјално државно знаме, кое по налог на Грција го променивме. Се она што Грција може да го протолкува како кршење на овие делови од членовите, ќе се решава на законски начин. Навидум изгледа како да ни ги поклонува, од сомилост, како да сме притиснати во ќош и немаме излез, како да гребеме за глас во светот и ако не е Грција нас нема да не’ биде. Овој договор е срам за цела македонска нација, во него нема ништо друго, туку точно „виткање на кичмата“ под чизмата на Грција. Длабок поклон направи државниот врв, нема што.
Бришењето на Македонците од страниците на времето, правејќи се дека никогаш не постоеле во денешна Грција, игнорирањето на фактот дека Балканските војни не се случиле и Грција не зграбила најголем дел од Македонија, се факти на кои македонскиот народ не смее да ги затвори очите и да вели дека тоа можеби е за нивно добро. Не е.
Нема прифаќање на ваков срамен договор. Не смееме да бидеме неми. Не е за наше добро и не е за подобра иднина тоа што како нова нација МОЖЕБИ ќе влеземе во ЕУ и НАТО. Не е за наше добро тоа што не смееме да сме Македонци. Не е за наше добро немањето корени, забраната за играње на „Тешкото“, забраната на гордото истакнување на нашето знаме.
Сме биле и ќе бидеме пиреј на овој свет!