Седницата на собраниската Комисија за надворешна политика на која експозе за надворешната политика требаше да има шефот на дипломатијата Никола Димитров повторно беше одложена.
Седницата на оваа Комисија досега повеќе пати е одложувана, а причината е тоа што на пратениците од оваа комисија не им се дозволува пристап до материјали.
Димитров не се обрати пред членовите на Комисијата, бидејќи претседателот на Комисијата Антонио Милошоски повторно побара пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат да ги добијат класифицираните материјали од две лидерски средби одржани кај претседателот на Република Македонија.
Материјалите, како што повеќе пати нагласи Милошоски, се битни за меѓународната политика и за работата на министерот Димитров.
Но, како што подоцна е соопштено, Комисија денеска сепак ќе одржи седница, без експозе за надворешната политика од Димитров. Продолжението на седницата што досега беше неколкупати одложувано, го закажа спикерот Талат Џафери наместо претседавачот на Комисијата Милошоски.
На денешното продолжение ќе бидат претставени платформите за дипломатските активности на новите амбасадор на Македонија во Кралството Норвешка Серџим Мухамед; во Република Полска Васил Пановски; во Црна Гора Михајло Трпкоски и во Oбединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Александра Миовска, како и за завршниот извештај на амбасадорото во Израел Пајо Авировиќ.