– Според записите што ги водел во врска со сите средби во својот кабинет, Претседателот Методија Андонов – Ченто бил многу радосен што во списокот со македонски емигранти предложен од Димитар Влахов имало многу образовани луѓе, какви што биле „потребни за оформување на државата“. – Прашањето за враќање на овие 3.000 емигранти од Бугараија, Ченто го ставил на расправа пред Президиумот но Колишевски не се сложил, а по два дена го известил Ченто дека Партијата мисли оти не е пожелно да се вратат ваквите македонски емигранти од Бугарија бидејќи, како што рекол, сите биле „бугарски воспитаници“.
Пишува: Блаже Миневски
Во архивите на Централниот државен архив во Софија се чуваат голем број документи поврзани со македонско-бугарските односи од крајот на Втората светска војна и првите седум години по ослободувањето на Македонија, меѓу кои посебно внимание заслужуваат докумените за македонската емиграција во Бугарија. Голем дел од документи се однесуваат на проценките во врска со бројот на македонските емигранти во Бугарија, но постои и „официјален список“ за бројот на Македонците според пописот од декември 1946 година.
Во документ од 20 декември 1944 година на „привременото македонско претставништво во Бугарија“, чиј претседател е Георги Деспотов, а секретар Георги Абаџиев, стои дека „во Бугарија има многубројна емиграција од околу 700 илјади души“ која отсекогаш „со жив интерес ги следела борбите на македонскиот народ за ослободување“.
Според документ од 29 октомври 1945 година, „македонската емиграција во Бугарија, заедно со Македонците од Петричката област се над 800 илјади души“. Сепак, ако ваквите бројки се претерани, особено за бугарските шовинисти, се разбира, тогаш никој паметен не може да ги негира официјалните резултати на „демографското пребројување“ реализирано од 25 до 31 декември 1946 година. Според овие резултатите, во Бугарија пред седумдесетина години живееле точно 169 544 Македонци, најмногу во Пиринска Македонија – 160.641, но ги имало и во Софија – 2 638, во Пловдив – 2 589, во Бургас – 1 825, во Варна – 316 итн.
Бане Андреев предложил да се повикаат емигрантите од Бугарија!
Според досегашните истражувања на темата за македонската емиграција, првите регистрирани македонски емигранти ја напуштиле својата татковина Македонија со турски патни исправи. Таквата состојба траела до 1913 година, односно до трагичната поделба на Македонија од страна на соседните земји. По тој настан, Македонците нагло ги напуштаат своите родни огништа во трите дела, а особено родните места во егејскиот дел на Македонија. Во оваа фаза на иселување, нашите прогонети иселеници како политички емигранти заминувале од Царството Бугарија, Кралството Грција и од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, односно од Кралска Југославија. Притоа треба да се знае дека главната насока на нивното селење, односно иселувањето е во Америка и Канада. Дури подоцна, во дваесеттите години на минатиот век, почнува и иселувањето во Австралија.
Притоа дел од нив активно се вклучени во македонските емигрантски здружение, кои главно имале промакедонска а со тоа често и антикомунистичка и антијугословенска програма и концепција на дејствување. Следејќи ја „федералната политика“, комунистичката власт во Македонија имала голем отпор кон емиграцијата.
Во тој контекст, особено е битно да се знае дека уште пред одржувањето на АСНОМ во 1944 година, видни раководители на македонското национално-ослободително движење размислувале за важноста на македонската емиграција во борбата на македонскиот народ за ослободување и изградба на македонска држава. Во таа смисла посебно место зазема ангажирањето на тогашната македонска интелигенција надвор од Федерална Македонија, особено онаа во Бугарија.
Така, на пример, во спомените на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, стои дека „Бане Андреев предложи да ги повикаме македонските емигранти од Бугарија да се приклучат на нашата борба, односно борбата на македонскиот народ. Што се однесува до мене предлогот го прифатив, имајќи на ум дека таму имаше многу образовани луѓе, кои, како такви, се потребни на секоја држава, а уште повеќе на нашата, затоа што најголемиот дел од нашиот народ е полуписмен или воопшто неписмен.“
Кон крајот на 1944-та година Ченто ќе запише и уште еден нов, битен момент за односот кон македонската емиграција. Имено, по митинзите во неколку ослободени македонски градови, врвните партизански раководители доаѓаат во Скопје, а новата власт, односно Президиумот се сместува во зградата на скопската општина под Кале. Во тоа време, во Президиумот, кај Ченто, доаѓа Димитар Влахов со делегација од македонската емиграција од Бугарија. Тие му предаваат список на претседателот со околу 3 000 имиња на емигранти, кои емигрирале во Бугарија по Балканските и меѓу двете светски војни.
Според записите што ги водел во врска со ваквите средби, Ченто бил многу радосен што во списокот имало многу образовани луѓе, какви што биле „потребни за оформување на државата“. Прашањето за списокот за враќање на овие 3.000 емигранти, Ченто го ставил на расправа пред Президиумот со цел да им се дозволи на емигрантите што побрзо да се вратат во своите родни места: „Лазо Колишевски не се сложи така брзо да се донесува одлука, затоа што Партијата не зазела став по тоа прашање. Се согласив да почекаме мислење од Партијата. По два дена Колишевски ме извести дека партијата мисли оти не е пожелно да се вратат сите емигранти, бидејќи биле, како што рече, бугарски воспитаници. На моето прашање со кого ќе правиме држава, Колишевски ми одговори дека ќе добиеме помош од другите федерални единици“, запишал Ченто за активностите што ги имал како претседател во 1944 година.
Во продолжение, на неговото прашање во што се подобри српските или други чиновници од Македонците, кои биле приморани да емигрираат, па потоа без своја воља морале да учат во Бугарија, Колишевски му одговорил дека „таков е ставот на Партијата, и нема што да се расправа повеќе“.
Тука всушност се прекршува ставот за идниот однос кон македонската емиграција, а таквиот негативен комунистички третман кон македонската емиграција ќе трае полни 57 години, значи до формирањето на самостојна Република Македонија.
Во првата „слободна петолетка“– Македонија ја напуштиле 1.500 лица!
Според проф. д-р Виолета Ачовска, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, кој широко ги отворил вратите на Демократска федерална Македонија за македонските емигранти, набрзо е осуден и затворен во „Идризово“, затоа што наводно сакал да „емигрира“. Во меѓувреме, во маакедонските затвори завршија и уште стотици други македонски интелектуалци, а еден дел од нив успеаја да заминат во некоја од европските и воневропски држави, создавајќи нова, емигрантска Македонија. Во западноевропските земји, според списоците на Меѓународната организација за бегалци од 1946-та година, биле регистрирани 125 илјади државјани од бившата Кралска Југославија.
Меѓу нив најбројни, околу 40 илјади, биле четниците, потоа следувале усташите со околу 30 илјади лица, а веднаш по нив биле словенечките белогвардејци со околу 18 илјади емигранти. Во следните пет години во западноевропските земји од комунистичка Југославија побегнуваат околу 17 илјади лица, а како бегалци од Македонија во државите на Запад оваа служба има евидентирано околу 1500 лица кои имаат статус на политички емигранти. Станува збор за огромна бројка во споредба со бројот на жители на Македонија. Притоа, се разбира, новата македонска власт со сите средства, со тајни агенти и доушници, се бори против македонската емиграцијата, односно против нејзината антикомунистичка идеологија.
Во таа насока, во ноември 1972-та година македонското политичко раководство одржува таен состанок со Тито, каде што остро се напаѓа македонската емиграција. На состанокот, првиот човек на македонските коминисти, Ангел Чемерски, инсистира на тоа дека „политиката на национална афирмација мора да ја држи во свои раце Сојузот на комунистите, зашто лесно може да се излезе од она што го трасира Сојузот на комунистите“, а македонскот „вожд“ Колишевски смета дека „создавајќи македонска држава, ги менуваме само класните односи, а не создаваме некоја национална држава“.
На истиот состанок со Тито, Киро Глигоров ќе констатира дека „во Македонија егзистира еден широк распон на разни националистички изживувања, од националистички романтизам, до обезвреднување на НОБ“, подвлекувајќи дека „не да пречи туку шокира кога прославата сврзана со илинденското востание има еден сјај, поголем, а кога е во врска со она што е период на НОБ, настаните да не се барем одбележана на вистински, достоен начин“.
И други македонски политичари од тоа време, тајно, пред Тито, на Водно, остро ја напаѓаат Македонија и Македоците, затоа што мислат поинаку од нив, фрлајќи дрвја и камења врз Шарло, Ченто и други македонски револуционери. Во тој контекст Вера Ацева, на пример, ќе се дрзне да каже дека и „прославата на стогодишнината од раѓањето на Гоце Делчев, покрај тоа што беше недозволено предимензионирана во однос на прославата на 30-годишнината од револуцијата, тука таа беше предимензионирана и во однос на соборците на Гоце Делчев“, а Страхил Гигов, пак, со треперлив глас, се разбира, пред другарот Тито ќе признае дека „ние денес имаме најголем национализам од кога и да е по ослободувањето, па мене ми се смачува кога Гоце Делчев почнаа да го прават идеолог на нашата револуција… Ако овие движења продолжеа, за три-четири години Гоце Делчев ќе беше поголем од Маркс, Ленин и од Вас, друже Тито…“
Во меѓувреме агентите на тајната полиција ги следат сите активности на македонската емиграција во светот, а особено во Европа. Така, во архивата на македонската полиција, ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин е евидентиран како сврталиште каде што сопственикот Гојко Јаковлевски ја собира екстремната антијугословенска емиграција. Ресторанот исто така се смета за најопасно комитско гнездо на ВМРО-вците. Според архивски документи и полициски досиеја, сите што заминувале од Македонија за Германија најпрвин биле повикувани на информативен разговор во полицијата, односно во УДБ-а, за да ги информираат дека сопственикот на „Ново Скопје“ е многу опасен екстремист, а ресторанот е место каде што не е пожелно да одат. Сепак некои од тие патници во тоа време не ги почитувале препораките и доаѓале во ресторанот, како на пример проф. д-р Јордан Никодиновски, проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ, д-р Орде Ивановски, актерот Драги Костовски и многу други. Југословенската воена мисија во Западен Берлин била посебно ангажирана за надгледување на гостите од Југославија кои доаѓале во ресторанот „Ново Скопје“.
А таквиот став кон емиграцијата можел да се прочита уште од прашањето за списокот за враќање на 3 000 македонски емигранти интелектуалци од Бугарија за кој Партијата и Колишевски сметале дека не е пожелно да се вратат бидејќи биле „бугарски воспитаници“, и дека што се однесува до интелектуалците помош ќе се „добие од другите федерални единици“.
И таа помош навистина пристигна. Колку и кои интелектуалците стигнаа од другите федерални единици, и како помогнаа во изградбата на македонската држава, останува да се истражи во друга прилика.