Првите два конвои оклопни борбени возила на пешадијата денеска тргнаа од воената база Мурмелон-ле-Гран во источна Франција кон Романија како дел од операцијата Орел, која има за цел да ја зајакне одбраната на источното крило на НАТО.
Тенкови Леклер, исто така, треба да пристигнат во воената база Чинку во централна Романија во наредните денови, за да ја засилат мисијата под француска команда, започната на 28 февруари оваа година како реакција на руските напади врз Украина.
– Франција ги почитува своите обврски кон НАТО и своите партнери, изјави генералот Франсоа Гугенхајм, шеф на Командата на европските копнени сили во Лил.
Десетина конвои треба постепено да го напуштат Мурмелон и повеќе од 2.000 километри низ Европа да превезат десетина тенкови и дваесет оклопни возила. Нивниот точен број и точната рута не се прецизирани.
На конвоите ќе им бидат потребни седум до осум дена да стигнат до Чинка, Романија.
Во исто време, специјални возови со муниција, храна и опрема за одржување исто така ќе заминат за Романија.
Копнената армија на НАТО во Романија треба да има околу 1.000 војници до првиот квартал на 2023 година.