Во Собранието денеска е формирана Комисијата за помирување, на иницијатива на новоформираната пратеничка група од опозицијата која гласаше за измени на Уставот, за договорот со Грција и за преименување на Република Македонија во Северна.
Иницијативата беше разгледана на координација на собранискиот спикер Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на законодавниот дом.
Со Комисијата за помирување ќе претседаваат потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски и пратеничката Емилија Александрова. На првиот состанок по одредување на членовите на Комисијата ќе треба да се определат темите и надлежностите на ова тело.
На денешната координација кај Џафери не присуствуваше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, а веднаш на почетокот средбата ја напушти Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците, кој смета дека ова е отворање на мала врата за амнестијата за настаните во Собранието на 27 април минатата година.
Спикерот Џафери по завршување на средбата рече дека е определен форматот на Комисијата која на следниот свој состанок треба да ги утврди надлежностите и содржините за коишто ќе дебатира. Членови на ова тело, според Џафери, ќе бидат потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи или нивните заменици, пратениците кои не се организирани во пратеничка група и определен број пратеници од најголемите пратенички групи СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека е подобро тој да не раководи со Комисијата.
– Подобро е да не раководам јас зашто во определени ситуации може да има мешање на надлежностите, рече Џафери.
Тој кажа дека координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски го информирал дека нема да присуствува на средбата и за ставот на опозициската партија, но, тоа, вели Џафери, не е пречка за да се формира ова тело.
Џафери оцени дека напуштањето на состанокот од Рашиди е преурането и дека тој требало да почека и да види какви ќе бидат содржините за дискусија.
Џафери, одговарајќи на новинарски прашања, потврди дека пратеникот и поранешен премиер Никола Груевски, побарал потврда дека е член на Комисијата за уставни прашања, и дека немало причина зошто да не му биде издадена. Утре Комисијата за мандатно имунитетни прашања ќе расправа за одземање на мандатот на Груевски.
Во Собранието исто така утре почнува комисиската расправа за уставни прашања, за нацрт амандманите доставени од страна на Владата. Џафери уште еднаш ги појасни роковите и рече дека нема простор за опструкции и пролонгирања. Пленараната седница е закажана за 1 декември.