Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со соопштение во кое ја обвинува опозициската СДСМ дека го релативизира и штити наводниот криминал поврзан со поранешниот вицепремиер Артан Груби.

Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ, наместо да се дистанцира, „координирано го брани Груби“, посочувајќи дека на последната седница за пратенички прашања во Собранието на Република Македонија не било поставено прашање поврзано со случајот, ниту било споменато неговото име.

Партијата дополнително наведува дека однесувањето на СДСМ е мотивирано од страв од евентуално сведочење на Груби, кое, според нив, би можело да опфати и поранешни високи функционери на партијата. Во соопштението се споменуваат имињата на Зоран ЗаевОливер Спасовски и Венко Филипче, со прашање дали тие стравуваат од евентуалните изјави на Груби.

Во соопштението се осврнува и на изјава на потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, која посочила дека одлуките на тогашната влада биле колективни. Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот став претставува обид за „колективизирање на одговорноста“ во случајот.

Дополнително, владејачката партија обвинува дека СДСМ биле запознаени со состојбите во Државна лотарија, но молчеле заради зачувување на коалицијата со ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека „никој не смее да биде над законите“ и дека очекуваат институциите да постапат согласно законските надлежности, со цел, како што наведуваат, да се обезбеди одговорност за сите за кои ќе се утврди вина.