Во Македонија се зголемува бројот на заболени со коронавирусот, но вчера исто така беше регистрирано и 42 оздравени лица.

Од почетокот на епидемијата во Македонија регистрирани се 908 дијагностицирани со Ковид-19 и 44 починати. Позитивни на тестовите за коронавирусот вчера биле нови 54 лица, од кои најголем број односно 25 во Куманово. Општинскиот кризен штаб од овој град побара Владата да донесе одлука за карантин со посебни мерки.

Владата на седница реши да му достави предлог на претседателот Стево Пендаровски во кој се оценува дека за успешно справување со коронавирусот потребна е вонредна состојба во државата. Пендаровски во изјава за медиумите најави можно продолжување на вонредната состојбата поради Ковид-19 за уште 30 дена на седницата на Советот за безбедност в четврток.

– Владата на РС Македонија на денешната 41. седница донесе заклучок да достави предлог до Претседателот со извештај за досега преземените активности од државните институции, со кој се аргументира дека за успешно справување со коронавирусот во државата е потребна вонредна состојба, се наведува во соопштението од владината седница.

Шефот на државата Пендаровски смета дека ќе се прогласат нови 30 денови вонредна состојба, со оглед на состојбите до вчера. Сепак одлуката ќе се донесе во четврток на состанок на Советот за безбедност кога изминуваат првите 30 денови од прогласувањето на вонредната состојба.

– Шансите се извесни и големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба бидејќи внатрешните состојби кои не ескалираат, но не се значително редуцирани се уште побаруваат ваков тип ангажман од сите надлежни институции и ваков тип на состојба. Првпат вонредна состојба прогласивме во 30 години независна држава меѓутоа првпат и во светот се случуваат некои работи поврзани со пандемија на вирусот. Така, ако денес ги имам тие информации што се од надлежните институции, ако денес ме прашувате за одлука таа ќе биде во насока да се прогласат нови 30 денови, истакна претседателот Пендаровски од Тетово.

Во следните денови треба да пристигнат нови респиратори

Во рамките на Министерството за здравство согласно уредбата на Владата завршена е постапката за набавка на респираторни машини.

Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција информираше дека од девет економски оператори, два ги задоволувале условите во однос на рокот и критериумите. Еден дел од респираторните машини ќе стигнат во следните седум дена, а другите, од вкупно 31, во текот на следните 30 дена.

– Со ова, значајно ќе го дополниме капацитетот на респираторни машини во земјава, пред сѐ во институциите кои се предвидени за лекување на овие пациенти со КОВИД-19 вирусот, рече Филипче.

Меѓу регистрираните новозаболени од Ковид-19 е и лаборант од Универзитетската клиника за Детски болести од Скопје. Филипче рече дека на заболениот лаборант му е земена епидемиолошка анкета, како и од дел од колегите со кои бил во непосреден контакт.

– Утре ќе се земат и втор дел од анкетите. Тие најверојатно ќе упатат од каде се заразил лаборантот, информираат од Минстерство за здравство.

Тој исто така нагласи дека лаборантот и другите вработени од Клиниката користеле целосна заштитна опрема според протоколот, но оти и покрај тоа на четворица вработени, негови колеги им е препорачана изолација.

– Случајот е изолиран, епидемиолозите прават анализа. На четворица од единаесет вработени им е препорачана изолација. За време на работата за време на извршување на работните задачи користена е целосна заштитна опрема според протоколот, рече Филипче.

За информациите дека лаборантот е можеби заразен од дете кое починало во болницата, Министерството за здравство подооцна соопшти дека седумгодишното дете немало коронавирус. Нему му биле земени два бриса за тестирање за коронавирус, кога било хоспитализирано и кога починало.

– Двата теста биле негативни на Ковид-19. Детето немало пневмонија, ниту симптоми за коронавирус, соопшти Министерството за здравство.

Вкупниот број на заболени регистрирани здравствени работници до вчера изнесуваше 122. Седуммина се веќе оздравени и вратени назад на своите работни места.

Филипче повтори дека има сосема доволно заштитна медицинска опрема и резерви.

– Има сосем доволна количества на заштитни материјали, маски, мантили во сите јавно-здравствени установи, посебно во местата каде што се лечат пациентите, односно каде што е хоспиталниот третман, рече министерот.

Тој информираше дека е стабилна состојбата со двете мали деца заболени со коронавирус, четиримесечното бебе и 2,5 годишното детенце.

Во Дебар и околината ќе се прави скрининг на пациентите со антитела, за што веќе е направен целосен распоред за активност преку матичните лекари во Дебар и околината на Дебар.

– Со оглед на тоа што таму е веќе фаза на епидемијата во којашто немаме новодијагностицирани пациенти сметаме дека ќе биде добар пример за тоа каква е состојбата на населението во смисла на евентуално стекнување на имунитет. И врз основа на тој репрезентативен примерок епидемиолозите ќе прават соодветни анализи и план за понатаму, потенцираше Филипче.

Заврши и увидот од страна на тимот на Институтот за судска медицина во Велес во врска со двете починати лица. Таму се стигнати дополнителни информации коишто ќе бидат земени во предвид кога ќе се прави финалниот извештај, а по изготвувањето ќе бидат презентирани во јавноста – во однос на времето на смртта, по наодот на позитивен брис на КОВИД-19.

Министерот Филипче најави дека денеска ќе се дискутира за барањето на родителите на деца со аутизам во однос на движењето во наредните денови, имајќи ја предвид нивната потреба да се движат во различни делови на денот – поради тоа што тоа е чест дел и од нивната терапија.

За тоа дали има нови случаи на Ковид-19 во затворот Шутка рече дека од досегашните резултати од проверката на затворениците и лицата кои се во притвор, нема позитивни на вирусот.

– Во затворот во Шутка, интензивно се работеше во изминативе денови, во насока на интензивни клинички прегледи од страна на лекари од Здравствениот дом Скопје, на сите луѓе што се сместени во сите блокови. Интензивно беше земен материјал од голем број луѓе сместени во одредени блокови каде беше сместено лицето кое почина. Секако имаше проверка и дадени се соодветени насоки од страна на епидемиолозите за вработените, согласно информациите на контактите на лицето кој почина. Состојбата е детално аналзирана, рече министерот Филиче.

Карантин за Куманово со посебни мерки бара општинскиот кризен штаб

По зголемувањето на бројот на заболени од коронавирусот во Куманово, тамошниот кризен штаб побара четиринаесетдневен карантин со повеќе посебни мерки. Само вчера имаше регистрирано 25 новозаболени од Ковид-19 во овој град.

-Бараме од Владата за издвојување на Општина Куманово и нејзината територија од рамката на општите мерки на Владата, кои важат за севкупната територија на РСМ, со дополнителна 14-дневна, 24-часовна изолација (карантин во посебни услови) кој ќе важи од петок, 17.04.2020, и ќе трае до понеделник, 04.05.2020 година, со почитување на досегашните донесени мерки од Влада на РСМ, како и дополнителни претходно јасно дефинирани постапки во ваква ситуација од страна на ОШЗС на Општина Куманово, се вели во соопштенито на штабот.

Под посебните мерки кои што треба да важат во овие услови се издавање дозволи за движење на лица коишто се професионално ангажирани во институциите и стопанството, пунктови за контроли на влез и излез во и вон градот, дезинфекција на возила, патници, епидемиолошки мерки за дезинфекција на зафатени подрачја, обезбедување транспорт на намирници, енергетски потреби за институциите, вклучени во дејствија против Ковид 19.

Во вакви услови се предвидува достава на храна до домаќинства за периодот на карантин, вклучување поголем број оператори кои ќе имаат дозволи од штабот, се бара и разработување на Одлуката на Владата за мерките за земјоделците и сточарите за вршење на активности во карантин, јакнење на човеков капацитет во здравството, болницата, на епидемиолошката служба. Под посебните мерки предвидено е да се дефинира начин за одлагање на комуналниот отпад од семејства каде има позитивни случаи, да се обезбеди заштитина опрема  на кумановци, задолжително да се носат маски и ракавици на отворен простор. Штабот бара Центарот за социјални работи да се вклучи во следење на состојбата на лица со попреченост, на социјално загрозени семејства со снабдување со неопходни продукти, храна, заштитна опрема за време на карантин.

– Воспоставување на континуиран медицински процес и процес на континуирана контрола на нови лица, бегалци влезени или фатени во процес на криумчарење, а се или ќе бидат предмет на сместување во ТПЦ Табановце – Куманово, нивна изолација или евентуален карантин, се вели во соопштението на штабот.

Оттаму бараат од здравствените власти да им дадат приоритет на тестовите на здравствените работници од Куманово, навремено информирање, за, како што велат, да не се креира нереална епидемиолошка слика во општината. Од штабот апелираа до Црвениот крст, хуманитарните, невладините здруженија од Куманово да се координираат со штабот и да дистрибуираат дополнителна помош за граѓаните за време на карантин.

И покрај бројот на новозаболени, охрабрува фактот дека се повеќе лица се оздравени 

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, според последните информации, починаа четири пациенти на возраст над 60 години, од кои двајца од Лабуништа, еден од Прилеп и еден од Куманово. Во Болницата „8 Септември“ починаа две лица, пациент од Велес (67) и пациент од Куманово (59).

Потврдените 54 нови случаи на Ковид-19 се од Скопје (13), Куманово (25), Штип (1), Прилеп (10), Тетово (1), Велес (2), Гостивар (1), Кичево (1).

Оздравени се 42 пациенти. Со два негативни теста и во добра општа состојба од Инфективната клиника се испишани 10 оздравени пациенти, а регистрирани се и 32 оздравени пациенти 12 од Дебар и 20 од Скопје кои се лекуваа во домашни услови.

– Оваа информација не радува, мене и здравствените работници особено кога се справуваме со високоризична болест, рече министерот за здравство.

До вчера, 14 април, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 беше 908. Според местото на живеење, во: Скопје – 329, Куманово – 236, Дебар – 49, Штип-28, Прилеп –85,Тетово – 38, Струга – 43, Велес – 34,  Битола – 9, Охрид –4, Кавадарци – 3, Гостивар –9, Гевглелија – 4, Струмица – 2,  Крива Паланка-3, Радовиш – 4,  Крушево – 3, Кочани – 22, Пробиштип – 2 и во Кичево – 1 пациент.

На Клиниката за Инфективни болести хоспитализирани се 57 пациенти, од кои седум на механичка вентилација, а 14 се на кислородна поддршка. Во болницата „8 Септември“ има 26 хоспитализирани болни од коронавирусот, од кои шестмина се на респиратор. Во битолската болница сместени се петмина заболени кои се во добра состојба, а кај тројца се прават првите контролни тестови. Во болницата во Штип има оссумина хоспитализирани со Ковид-19, а само еден е со среднотешка клиничка слика.

Направени се 9.262 тестирања на Ковид -19.