Искра КОРОВЕШОВСКА, главен уредник на ТВ Алфа
Прилично е вицкаст градоначалникот Шилегов, поентира во стилот на скопски фраерлук, само уште така и да работеше…Ќе му се обратам на “ти”, бидејќи се познаваме од поодамна… Имено, во паузите на нечистење на депониите, во Ново село, Маџари-Вардариште (за која рече дека се чисти, а само неколку часа потоа сведочевме не само дека не се чисти туку и се полни, и тоа од “Комунална хигиена”) , итн… потоа најмалку 4 најави за стартот на “Лајка”, а ниедна остварена (а за “пакетот” вработувања внатре да не ни зборувам) и ред други неостварени ветувања, денеска на прашањето на Алфа, “зошто организира собири за свечени отворања – а потоа му е Наќе Чулев виновен за бројот на заболени” – одлучи, делувајќи во стилот на, наводно, постар и совесен ама пред се сеирџиски расположен, да ја искара новинарката на Алфа оти не носела маска. И, ова видео експресно се споделува од партиските ботови на власта односно на неговата партија СДСМ …
Очекувано е ова оти партијата на власт си дозволи дури и јавно да каже дека Алфа ја множи со нула… Но, градоначалник Петре Шилегов треба да знаеш дека е погрешен твојот стил со новинарите, дека ако во комуникација се двајца доволно е едниот маска да носи за да не се зарази другиот – впрочем така вели вашиот министер Венко Филипче… и не, не е доволно да кажеш дека ова денеска за кое што си прашан, “било мал собир а не голем” , или што и да е, за да ја испереш сопствената одговорност за правење промоции и разно разни неважни отварања во среде пандемија… Треба да објасниш зошто церемонијалите за јавни настани не се од суштински интерес а се прават во време на експлозија на епидемиолошката крива, треба да решаваш проблеми, а не да предизвикуваш сеир со новинари чии прашања не ти се допаѓаат. Не си платен за тоа, платен си и избран со пенкало, со верба од граѓаните (така љуби да вели поранешниот премиер), ама и работиш со нашите пари. Бадијала правиш свечени отварања, речиси идентично како што бадијала ПиАр – от на Филипче мисли дека ако стави во четвртиот пасус број на починати во соопштенијата, нема да го видат новинарите… Трагикомедија од најчудесен вид… Сепак одолговлекувањето на вниманието со вакви сеирџиски видеа и други низа навреди кон новинари, нема да ги исчистат црните дамки на политичарите… Вистината излегува: кој работел а кој билдал популизам на чуден начин.