Високото ниво на корупција ја стави Македонија во иста група со земји како Етиопија или Колумбија. Амбасадорот на Холандија во нашата земја, Дирк Јан Коп, рече дека Македонија има добра законска рамка за спречување на корупцијата, но не се спроведува поради немање политичка волја. Според него, граѓаните постојано го вперуваат прстот во институциите кога зборуваат за корупција, но ретко признаваат дека и тие се оние кои поткупуваат лекари, полицајци или наставници. Корупцијата, според холандскиот амбасадор, се прикрива како благодарност.

„За жал, … Македонија сè уште е дел од групата земји каде што се проценува дека има високо ниво на корупција. Земјава е дури и во група со земји како Етиопија и Колумбија. Ова не е група во која би сакале да бидете и сè уште е далеку од просекот на ЕУ. Сите политички партии велат дека целта им е да станат членки на ЕУ, но не соработуваат за да ја постигнат таа цел и наместо тоа меѓусебно се саботираат. Одговорот е длабоко вкоренетиот интерес и корупција. Антикорупциска ја идентификува корупцијата, Обвинителството мора да постапи. Интересите на Холандија за Западен Балкан се едноставни, ние сакаме стабилност и просперитет,“ истакна Дирк Јан Коп- Амбасадор на Холандија.

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, рече дека најчести неправилности се среќаваат во издавањето градежни дозволи, урбанистичкото планирање, управувањето со објектите во државна сопственост, но и во заштитата на животната средина како спречување на загадување на воздухот, водата и почвата. Според неа, инспекциските служби и внатрешната ревизија не функционираат како што треба, а Владата спроведува само 30 отсто од препораките на Антикорупциската комисија.

Осум општини во наредните три години ќе бидат дел од проектот „Заштита од корупција“, што ќе го спроведува Центарот за граѓански комуникации. Ќе ги опфати не само општините, туку и институциите кои се во нивна надлежност. Проектот ќе ги опфати општините Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово, Чаир и Штип.