Косовскиот премиер Рамуш Харадинај и министерот за надворешни работи Беџет Пацоли го осудија вчерашниот напад врз српските верници во селото Студеница во близина на Истог и побараа сторителите да се изведат пред правдата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај преку објава на Фејсбук порача дека нападот во Истог е „неприфатлив и казнив, без оглед на тоа кој го извршил и кои му биле мотивите“.
– Косово и неговите институции се посветени на мирот и стабилноста и секој напад врз граѓаните е напад врз заедничките европски вредности и како таков е штетен за нашата Република. Барам од механизмите за спроведување на законот напаѓачите да се идентификуваат и да се изведат пред правдата, напиша Харадинај.
Со иста порака на Фејсбук се огласи и шефот на косовската дипломатија Пацоли, кој напиша дека е потресен од нападот и побара казнување на сторителите.
Два автобуси, со вкупно околу 170 верници Срби вчера се упатија во посета, која била однапред најавена и пријавена, на православна црква во селото Студеница.
Како што соопшти косовската полиција, попладнето, откако ги завршиле верските обреди, додека се подготвувале да се вратат во Србија, засега непознати сторители ги каменувале автобусите со белградски регистерски таблички.
Според полицискиот извештај, на еден од автобусите му се искршени три стакла, а на другиот шофершајбната. Ниту еден од верниците во автобусите не бил повреден.