Повеќе од 45 возила на КФОР утрово заминаа во северниот дел на Косово и според информациите на Танјуг од терен, тие се движат кон градот Лепосавиќ.

Покрај борбени возила, тие носат и опрема за блокади и правење бариери, како градежни машини и жица.

Возила на КФОР, во кои се наоѓаат припадници на унгарскиот контингент, се поставени на две локации близу Лепосавиќ, пренесува Прва ТВ.

РТС оббјави кусо видео од движењето на возилата на КФОР.

Се очекува Приштина утре да донесе одлука за формирање на војска на Косово, но нема потврда дека движењето на КФОР е поврзано со тоа.

Портпаролот на КФОР Винченцо Грасо изјави дека единиците на КФОР, на територијата на цело Косово, изведуваат вообичаена, регуларна воена вежба.

– Ситуацијата е под контрола, како и во изминатите недели, а сега станува збор само за регуларна вежба на цело Косово, со цел исполнување на мандатот на КФОР, а тоа е обезбедување на мирот, рече Грасо по повод тврдењата на српските медиуми дека во северниот дел на земјата е забележана колона возила на КФОР.

Тој прецизираше дека воената вежба почнала вчера и оти се одвива во неколку правци – во зоната запад и исток.

– На пример, вчера единиците на КФОР се движеа од Урошевац кон Призрен и речиси никој не забележа. Немаме ниту една посебна „цел“, и по завршувањето на воената вежба, денеска единиците ќе се вратат во своите кампови, рече Грасо, негирајќи ги тврдењата на Танјуг дека КФОР носи опрема за „блокада на границата“.