Специјалното обвинителство на Косово денеска поднесе обвинение пред Специјализираното одделение на Основниот суд во Приштина против 35 лица за воени злосторства извршени во 1998 година во населбата Јашари во Преказ.
Главниот обвинител на Специјалното обвинителство, Бљерим Исуфај, на прес-конференција изјави дека обвинението се однесува на убиство на цивили во населбата Јашари и нагласи дека во овој случај работата била спроведена со посебно внимание со цел изнесените наводи да бидат докажани.
– Значењето на ова обвинение е посебно и поради фактот што станува збор за прво обвинение кое се однесува на убиство на цивили во населбата Јашари во Преказ – рече Исуфај, додавајќи дека сега Судот треба да го оцени обвинението и доказите изнесени во него.
Обвинителот Валдет Гаши го оцени случајот како многу сложен и истакна дека обвинението е резултат на повеќегодишна истражна работа на Обвинителството.
– Врз основа на собраните докази успеавме да потврдиме основано сомнение дека обвинетите опфатени со ова обвинение го сториле кривичното дело „Воено злосторство против цивилното население“, како резултат на нивните постапки за време на настаните на 5, 6 и 7 март 1998 година во селото Долно Преказ, конкретно во населбата Јашари – рече Гаши.
Српските сили тогаш го опколиле и го нападнале семејниот комплекс на Адем Јашари, еден од основачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Според податоците на Специјализираните совети на Косово во Хаг, за време на нападот биле убиени 59 Албанци, а биле погребани телата на 58 лица. Меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ исто така наведува дека биле убиени 58 лица, меѓу кои жени, деца и постари лица – главно членови на семејството Јашари и други лица кои во тој момент се наоѓале во нивните куќи.




