Косовски суд ја прогласи денеска Мерита Алиу, една од жените кои пред неколку месеци беа вратени од воените зони во Сирија, за виновна за организирање и учество во терористички групи, јави МИА од Приштина.
Судијата во Специјалниот оддел на Основниот суд во Приштина, Ваљон Куртај ѝ изрече на Алиу условна казна затвор во траење од 2,5 години.
При определувањето на казната беше земен предвид фактот дека обвинетата ја признала вината, се покајала и соработувала со истражните органи, како и тоа дека е мајка на две мали деца, од кои едното е болно и треба наскоро да биде оперирано.
Мерита Алиу е една од 110 косовски државјани кои, со помош на антитерористичките служби на Соединетите Американски Држави и со нивен авион, во април годинава беа вратени од Сирија во Косово. Четворица од повратниците се борци на терористичката Исламска држава (ИД), 32 се жени и 74 деца, од кои девет деца без родители.