Од воведувањето на дополнителните давачки од 10 отсто на стоките што се увезуваат во Косово од Србија и Босна и Херцеговина, косовската Царина инкасира дополнителни средства во висина од околу 300.000 евра, информираа за Радио Слободна Европа (РСЕ) извори од Царината.
Како што јави МИА од Приштина, откако пред една недела Владата на Рамуш Харадинај ја воведе оваа такса, како одговор на „агресивната и деструктивна политика на Белград кон Косово“, увозот на производи од двете земји кон кои се вовдени санкциите опаднал за 50 проценти.
Споредбата, како што изјави за РСЕ директорот на Царината на Косово Бахри Бериша, е направена меѓу обемот на увозот од една недела пред воведувањето на дополнителната царина и една недела откако таа почна да се спроведува.
– Резултатите покажуваат дека една недела пред одлуката сме имале увоз на производи во вредност од околу седум милиони евра од Србија и од Босна и Херцеговина, додека во наредните шест дена по стапувањето во сила на одлуката, имаме 3,5 милиони евра увоз од двете земји. Освен тоа, од заштитните такси собравме 300.000 евра, изјави Бериша.
Сепак, според него, по релевантни податоци околу движењето на увозот од двете земји, ќе се добијат по период од три недели од воведувањето на дополнителната такса.