Руско-украинскиот судир од косовски политичари е искористен како момент за политички пораки „Приштина да го прекине дијалогот со Белград, а Косово да ја искористи историската шанса за влез во НАТО“.

Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, Љумир Абдиџику вели дека „досегшното евроатлантското единство во реагирањето на руската агресија врз Украина“ претставува историска шанса за Косово за зачленување во НАТО, јави дописникот на МИА од Приштина.

Абдиџику ги повика косовските државни институции да го искористат „историскиот прозорец“ кој се појави по заедничките реакции на Европската Унија и Соединетите Американски Држави и другите членки на НАТО во однос на украинската криза.

– Сегашното евроатлантско единство како реакција на руската тиранија врз Украина е историски прозорец за Косово. Нашето зачленување во НАТО има нова шанса. Косово, нашите институции, нашата дипломатија, треба да го искористат овој историски прозорец кој ретко се отвора волку многу, напиша Абдиџику на неговата страница на Фејсбук.

Тој ги повика меѓународните сојузници на Косово да го забрзаат процесот на зачленување на таа држава во Алијансата, „како природен процес на европската безбедност“.

– Косово во НАТО е неопходност – секогаш било и секогаш ќе биде. Да го искористиме овој нов момент за еден голем историски исчекор. Да ги вложиме сите наши потенцијали во тој правец, порача Абдиџику.

Поранешната министерка за надворешни работи на Косово, Мелиза Харадинај-Стубла вели дека Косово мора веднаш да го прекине дијалогот со Србија, поради односот на официјален Белград кон руската агресија врз Украина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај-Стубла на нејзината страница на Фејсбук напиша дека „Србија е единствената држава со статус на кандидат за членство во Европската унија која го поддржа варварството на (рускиот претседател, Владимир) Путин против демократска Украина“.

– Косово мора веднаш да го суспендира дијалогот со Србија. Преговарањето со држава која активно поддржува агресија и војна е губење време, напиша Харадинај-Стубла.